ЦИРКУСОТ ОД СОБРАНИЕТО ПРОДОЛЖИ Арсовски и Кузеска со меѓусебни обвинувања за Законот за наставници

Кузеска нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ неразумно е против 27.000 наставници и го блокира покачувањето на нивните плати, а Арсовски додаде дека СДСМ одбиле амандман на ВМРО-ДПМНЕ со кој доколку беше донесен наставниците ќе добија покачување на платите и од досегашните 23.000 колку што земаа, ќе земаа плата од над 40.000 денари.

1,105

По денешните случувања на деветта седница на собраниската Комисија за образование, наука и спорт, која денес го имаше петтото продолжение, обвинувањата на власта и опозицијата продолжи и меѓу портпаролите Богданка Кузеска и Димче Арсовски во нивното гостување во „Само вистина“ на Канал 5.

– Зголемувањето на минималната плата, автоматски значи дека ќе се зголемуваат сите плати – истакна портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.






Таа нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ неразумно е против 27.000 наставници и го блокира покачувањето на нивните плати.

– Денеска во собранието јавноста имаше можност да види блокада на предлог-закон кој предвидува зголемување на платите на 27.000 наставници и за трансформација на работниот однос во определено време за 4.700 наставници и стручни соработници, кои со години треперат за своето работно место – истакна Кузеска.

Таа додаде дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги блокираат измените уште од 14. април 2021 година.

– Апсурдот на ВМРО-ДПМНЕ не може да биде поголем, видовме слика каде пратениците од ВМРО-ДПМНЕ носат маици со Гоце Делчев, носат маици на даскал, а блокираат закон кој предвидува зголемување на плати на наставен кадар – порача портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

На ова Димче Арсовски одговори дека може многу лесно со покачувањето на минималната плата којашто 101 пратеник гласа и се договорија да се изгласа законот за покачување на 18.000 денари, многу едноставно нека согласно колективниот договор во образованието се земе предвид бодувањето усогласено со минималната плата како што предложивме и ние согласно нашиот амандман кој за жал вашата пратеничка група го одби, сите наставници во образовниот процес ќе добијат значително зголемување на платите.

– Жалосно е да браните штетни политики на поранешната министерка Мила Царовска којашто го плати данокот на нејзиното несериозно работење, доколку вам ви беше толку грижа за образованието немаше да ги оставите на цедило луѓето коишто работат во образовниот процес и немаше образованието во државата да биде едно од најлошите во светот – смета тој.

Арсовски додаде дека СДСМ одбиле амандман на ВМРО-ДПМНЕ со кој доколку беше донесен наставниците ќе добија покачување на платите и од досегашните 23.000 колку што земаа, ќе земаа плата од над 40.000 денари

– Не е точно дека вам ви е важно да се зголемат платите на наставниците, доколку ви беше важно ќе го прифативте нашиот амандман и платите ќе беа зголемени уште веднаш усогласувајќи ги со колективниот договор и таму ќе имаше наставници коишто ќе земаа по 40.000 денари плата, а не како што е сега по 23.000 или 24.000 денари плата – потенцираше тој.

Арсовски додаде дека ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту другите опозициски партии во собранието не е против вработувања на наставници, но нема да дозволи да биде алиби на партиски вработувања на СДСМ.

– Во ниту еден случај ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија, и не само ние туку и останатите опозициски партии во собранието нема да дозволат да бидат алиби на партиските вработувања во образованието коешто СДСМ сака да го направи. Трансформација на работен однос на тие 4.700 наставници и соработници се партиски луѓе коишто се вработени од штабовите на СДСМ – вели Арсовски.

Поврзани содржини