ОПШТИНА ТЕТОВО ГО ОБЈАВИ СПИСОКОТ Дури 811 луѓе месечно „лапале“ од 9.000 до 25.000 денари
Од oпштината велат дека договорите се склучени меѓу физички лица и Oпштина Тетово, под раководство на структурите од претходната власт.
Општина Тетово денеска на својата веб-страница објави комплетна листа со имињата на носителите на сите 811 договори на дело кои претходното локално раководство ги склучило само во текот на минатата година.
Од oпштината велат дека договорите се склучени меѓу физички лица и Oпштина Тетово, под раководство на структурите од претходната власт.
„На лицата кои донеле извештај за сработеното, согласно нивниот договор, ќе им бидат исплатени сите преостанати плати кои не беа исплатени како резултат на увидот за овој законски прекршок на претходната власт. На оние, пак, кои не испратиле извештај за сработеното, ќе им биде испратено известувањето за враќање на добиените средства од нивните договори во буџетот на општина Тетово. Во спротивно, ќе се соочат со кривични пријави“, велат од општина Тетово.
Оттаму ветуваат дека ќе продолжат со овој тренд на транспарентност и секој месец ќе ги објавуваат сите договори за вработените со договор на дело на официјалната веб-страница на општината, како и на Фејсбук.
Градоначалникот Биљал Касами по стапувањето на функцијата соопшти дека вкупниот долг на општината изнесува над 24 милиони евра, од кои општината должи над 14 милиони евра, Јавното комунално претпријатие „Тетово“ над 9,6 милиони евра, ЈП „Градски паркинг“ над 87 илјади евра, додека училиштата во градот должат над 77 илјади евра.