МАКЕДОНСКИТЕ СТАРТАПИ ПОЧНУВААТ И СО ПОЛА МИЛИОН ЕВРА Време е да ги задржиме дома

Со зголемената дигитализација се намалува и корупцијата, а со тоа и довербата во процесите, вели Игор Маџов, првиот човек во Стартап Македонија, здружение кое ги обединува и им дава know-how, контакти и постојана поддршка на стартаптите за да можат да го скалираат својот бизнис.

3,002

Македонија полека, но сигурно се дигитализира. Домашни ИТ-фирми добиваат и до половина милион евра од странски инвеститори за да отпочнат бизнис, а дали и како ќе опстојат зборувавме со Игор Маџов, првиот човек во Стартап Македонија, здружение кое ги обединува младите дигитални бизниси и им дава know-how, контакти и постојана поддршка за да можат да го скалираат својот бизнис.

Според Маџов, за да успеат стартапите не е доволен само државниот Фонд за иновации кој е многу активен изминативе години. Потребно е да се вклучи приватниот сектор со зголемена понуда и да постои еко-баланс со домашните корпорации, бројни домашни и странски инвеститори, но и со државата. Тој ни објасни што е equity финансирање (инвестирање во удели) смарт финансирање, што е crowd-funding, зошто е неопходно да имате одржлив модел, а не само фирма во која некој ангел-инвеститор ќе вбирзга почетни пари.






Стартап Македонија е формирана во 2016 година од лица кои директно биле вклучени во стартап-сцената. Повеќе од една година е активна платформа на која може да се најдат над 150 регистрирани стартапи и над 40 понудувачи на услуги. Се проценува дека бројот на стартап-компании кои развиваат продукти за локален или за странски пазар и реално функционираат кај нас е повеќе од 300.

Што е стартап компанија и како да се препознае?

 – За нас стартап е млада компанија која развива иновативен продукт или услуга, физички или ИТ-продукт, која што внесува иновација и има голем потенцијал за раст (скалира). Скалирање значи неколкукратно зголемување на вредноста на компанијата за краток временски период и оттаму и стартапите се тесно поврзани со ИКТ секторот. Делот на скалирање ни е особено битен бидејќи голем број компании креираат продукт кој има ограничена можност за раст.

Во вашиот манифест пишувате дека сакате Македонија да биде стартап-hub. Како мислите дека тоа ќе се развива во следните 10-15 години и дали е остварливо?

 – Ова потекнува од нашата визија каде сакаме да ја видиме земјата. Скопје пред неполни две години беше на списокот на најперспективни градови за ИТ-решенија од страна на Еmerging Europe и навистина во делот на cost effectiveness се чувствува големиот наплив на ИТ-компании кои ја идентификуваа Македонија да им биде база од која понатаму ќе го шират својот продукт. Затоа, дефинитивно се сложуваме со реториката дека Македонија е една од најодличните локации за развој и тестирање на tech-решенија во регионов, поради пристапот до таленти, cost of living, пристапот до Европа, добра храна и гостопримлив народ што ја прават таа погодна средина. Она што значајно работиме е не само да ги привлечеме туку да останат да растат и заедно со локалната заедница ко-креираат решенија со клиенти низ целиот свет.

Што е тоа што недостасува во нашата стартап средина?

  зголемување на степенот на дигитализација на администрацијата, поголемо вклучување на универзитетите и истражувачите во бизнисот и непречено да се развива пристапот до финансии во сите фази на раст на една компанија. Не можеме со децении да се потпираме дека „имам познат во X, ќе ни среди“. Со зголемената дигитализација се намалува и корупцијата, а со тоа и довербата во процесите.
Во делот за пристап до финансии тоа маргинално го покрива Фондот за иновации, но работиме значајно на пристапот на финансии од страна на комерцијални, односно приватни иницијативи: venture capital фондови, ангел-инвеститори и останати алтернативни извори на финансирање, како и активно вклучување на банките коишто се незаменлив дел од екосистемот.

Кои се инвеститори во овој фонд и може ли да инвестира кој било граѓанин на Македонија?

 Ваков вид фондови ги обезбедуваат своите средства од извори како што се Европската развојна банка, Светска банка, од европски развојни агенции, фонд на фондови, регионални и локални корпорации, инвестициски и пензиски фондови кои би биле т.н. limited партнери и многу поретко од државни средства и физички лица. Доколку сакаат и физички лица да инвестираат тоа можат директно да го направат како ангел-инвеститори доколку имаат поголем износ на расположливи средства (3.000 евра и повеќе) кои сакаат да ги инвестираат во стартапи и тука може да им помогнеме со приклучување во некои од ангел-мрежите или директно да ги поврземе со стартапи. За оние кои сакаат да почнат со помали износи тука се појавува другата форма на инвестирање, т.н. crowd-funding, практично групно инвестирање преку здружување на многу мали инвеститори кои сакаат да помогнат некоја иновативна идеја да се реализира или постоечки бизнис да порасне. Во светот постојат многу вакви платформи, а кај нас е достапна преку соработката на Македонска и Хрватската берза и естонската crowdfunding платформа founder beam. Ова беше овозможено пред една година и конечно пред извесно време ја отпочнаа првата кампања во стартапот КIMO во која ќе може да инвестира кој било несофистициран инвеститор со износи од 150 евра.

Можете ли да издвоите некои успешни приказни за стартапи во Македонија?

 – Многу е неблагодарно кон компаниите е затоа што кажавме дека работиме со 150 компании, плус повеќе од 30 компании од founders-клубот. Би издвоил некои и од помладите и од постарите компании. На пример, InPlayer e компанија со околу 200 вработени и монетизира од различни спортски настани. Направија бум во време на короната и минатата недела прославија десет години постоење во рамки на ГНП. Со нив работевме 5-6 години за да можат да дојдат каде што се сега. Уште го паметам денот кога беа 10-20 луѓе. Oд поголемите не треба да ги заборавиме EmbedSocial, Microtica, Grouper, Gsix, Brainster, Cognism, Slice и други кои дадоа значаен придонес во изминативе години на локалниот стартап екосистем во своите почетоци

А некоја од ултра-младите компании?

 – Од друга страна имаме многу млади компании и луѓе со нова енергија кои допрва влегуваат во стартап-светот, а веќе со големи успеси. Ја објавивме првата pre-seed инвестиција од 500 милиони евра на еден млад тим кој се вика Howitzer. Дечките имаат 22 години, буквално газат, прават решение кои им е потребно на глобалните маркетери. Тука се и Influencers Club, Konceptiva, UpShift, Fitkit, Aircare Finkup, ги има премногу. Но, најубаво би било нивните приказни тие лично да ги раскажат во медиумите. Моќна беше и приказната на македонско-американскиот стартап Upshift, кој веќе е блиску до нова инвестиција и за многу брзо го дуплираше својот тим.

Значи имаме инвестиции и од пола милион евра за наши компании?

 – Имаме инвестиции во стартапи од 500.000, па и од 20 милиони евра. Но, треба да се знае дека инвестицијата е дадена на претходни успеси и „ветувањето“ кое некој од основачите го дал, а инвеститорот поверувал во неговата приказна. Дали навистина компанијата вреди толку многу и колку ќе постигне, само времето ќе каже. Имаме примери со компании кои стигнале до unicorn статус (компанија вредна една милијарда), а потоа пропаднале бидејќи не било сѐ онака како што го претставувале. Затоа во Македонија сакаме да креираме екосистем и да градиме компании на здрави нозе кои решаваат вистински проблеми.

 Кои се идните планови на Стартап Македонија?

 – Во моментов работиме на Expand Macedonia програмата која им помага на компаниите да излезат на јапонскиот и на германскиот пазар, а ќе следат вакви слични програми за други пазари. Ќе работиме со што помлада популација за да ги поддржиме стартапите во раната фаза и да ја креираме новата генерација на претприемачи. Интересен е и проектот „Корпоративна иновативност“ во којшто седум македонски корпорации Телеком, Тиквеш, НЛБ Банка, Алкалоид, ИТЛабс и слични на нив покажаа интерес да работат со стартапите, да користат нивни решенија, така што сме отворени да бидеме медијатор меѓу старатпите, корпорациите, државата и инвеститорите.

 

 

 

 

 

 

Поврзани содржини