ЌЕ ГИ ЗГОЛЕМИМЕ ПЛАТИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ Данела Арсовска ветува самоодржливи јавни претпријатија
Со добро менаџирање ќе има и за покачување на плати на вработените во овие претпријатија, меѓу кои и Јавното сообраќајно претпријатие, најави кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска.
Независната кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, смета дека со добро и со квалитетно менаџирање и со кратење на непродуктивните трошоци, ќе ги направат јавните претпријатија под надлежност на градот да бидат самоодржливи.
Таа во централниот дневник на телевизија Сител истакна дека тоа што до сега голем дел од јавните претпријатија не биле самоодржливи, само докажува дека тие не се менаџирани како што треба и дека тоа граѓаните го гледаат и го препознаваат.
Како дел од непродуктивните трошоци, кои Арсовска како идна градоначалничка на град Скопје, планира да ги скрати кај претпријатијата се во делот на јавните набавки, каде што договорите се склучуваат по цени повисоки од пазарните.
– Со добро менаџирање ќе има и за покачување на плати на вработените во овие претпријатија, меѓу кои и Јавното сообраќајно претпријатие. Ниту едно од јавните претпријатија не смее да се дозволи да не биде одржливо. Тоа значи дека ние не смееме сите оние јавни претпријатија коишто ги прибираат давачките и даноците и сето она кое што е важно во овој момент, а тоа е да даваат додадена вредност на скопјани за услугите коишто треба да им бидат испорачани, а да бидат загубари. Тоа покажува дека до сега, тие не биле добро менаџирани и затоа се загубари. Сите знаеме дека не може нешто да постои во континуитет доколку градот Скопје, постојано, како и во овој момент, со над 12,5 милиони евра да дотираа во неговиот буџет, за да тоа опстојува. Тоа не е добро менаџирање. Јас верувам дека сите граѓани знаат, сведоци се, гледаат колкави непродуктивни трошења имаме во градот Скопје, во јавните претпријатија во изминатата година, а при тоа платите не се зголемени воопшто. Платите на луѓето треба да им се зголемат, меѓутоа непродуктивните трошења се таму каде што прават јавни набавки со значително повисоки цени од оние кои што се пазарни – истакна Арсовска.
Таа објасни дека со добро и со квалитетно менаџирање може до 80 отсто да се намали процентот на овие трошоци коишто ги имаат и коишто се непродуктивни, а тие директно да влезат на приходната страна и да останат на приходната страна на претпријатијата и понатаму да продолжи да биде одржливо како јавно претпријатие.