Од турбофолкер до премиер: Кој беше Слави Трифонов пред да нурне во политиката?

За малку ќе заминел да работи во Швајцарија кога славата тропнала на вратата. Следела кариера во која тој ќе биде комичар и турбофолкер истовремено, а ќе инкорпорира панк и хип-хоп, ќе гостува во реални-шоуа …

1,654

Срамежливиот свирач на виола од средно, кој се мислеше дали да оди да работи во Швајцарија или да продолжи да заработува по 19 лева во „Ку-Ку“ шоуто (вели ИМДБ), а потоа ненадејно да стане балкански хит-феномен со 23 албуми и над 300 песни кои се мешавина од турбо-фолк, рок, па дури и хип-хоп. Кој беше Слави Трифонов пред да претендира да биде иден премиер на Бугарија, земјата која ѝ ги закочи ЕУ-интеграциите на Македонија?

Стенд-ап во средно школо






Станислав Тодоров Трифонов денес има 55 години, висок е 1,98 метри и нема ни влакно на главата. Израснал во младото гратче Плевен како најмлад од тројца браќа и сестра му Петја. Вели дека родителите му биле строги, но ги поддржувале неговите уметнички склоности.

Одличниот средношколец, кој свирел на виола, решил да се испроба како комичар на голем одмор меѓу часовите на една сцена во паркот Кајлака. Кажал неколку шеги од Димитар Шкубата кои ги знаел напамет, а публиката барала уште. Токму ова била пресвртницата за Слави, кој потоа завршил музички факултет во 1985 година.

19 лева на ден со „Ку-Ку“ бенд

Не му било лесно на Трифонов, кога во 1992 година, при неговите први денови во телевизија, во „Ку-Ку“ шоу, заработувал само 19 лева месечно. За малку ќе заминел да работи во Швајцарија кога славата тропнала на вратата. Следела кариера во која тој ќе биде комичар и турбофолкер истовремено, а ќе инкорпорира панк и хип-хоп, ќе гостува во реални-шоуа…

Набрзо Трифонов ќе се претвори во балканскиот Џеј Лено, кога со неговата Slavi Trifonov’s Show ќе сними над 4.100 ноќни шоуа, станувајќи симбол на бугарската естрада, нејзин критичар, а подоцна, гласот на народот и коментатор на политиката. Следуваат 23 албуми, над 300 песни, сопствената продукција „Седум-осум“, сопствена телевизија и неколку филмски улоги.

На шоуто гостин беше и Игор Џамбазов, кој неодамна му возврати на Трифонов за тоа што нѐ нарече „Северномакедонци“. 

„Јовано, Јованке“ била песна за бугарските војници?

Слави Трифонов без срам ја пееше „Јовано, Јованке“ на митинзи на неговата партија „Има таков народ“. Не е тоа првпат бугарски пејачи да ја крадат оваа македонска песна. Но, тоа што го направи Трифонов во 2013 година со песната беше, според многумина Македонци, историска манипулација.

Погледнете го манипулативното видео на Трифонов.

Во видеото за песната која ја направи со „Ку-ку бенд“, претставено е како бугарски војник во Првата светска војна жалосно пее „Јовано, Јованке“ по својата жена. Извесниот офицер Димчо, кој загинал во Дојран, кога Србите, Французите и Англичаните го нападнале градот, а Бугарите „ги извадиле ножевите во војната за национално единство“, стои во видеото.

Спотот остана практично незабележан во македонската јавност, а 6 години подоцна во Дојран и навистина никна споменик на генералот Каварналиев, на кој Заев и Борисов заеднички му положија цвеќе ден пред Илинден, кога го чествуваа „заедничкото востание“.

Бугарски медицински сестри во Либија

Трифонов почнал да влегува во политика, не само преку коментирање, туку и преку реални кампањи кои ги правел преку неговото шоу. Првата таква „акција“ му била кога неколку медицински сестри од Бугарија беа обвинети дека ширеле ХИВ во Либија, која тогаш уште ја водеше Гадафи. Сестрите биле измачувани и им се заканувала смртна казна, пишува Еурактив.

Кога сме кај здравството, лани во март, Трифонов донираше 100.000 лева за плата на лекарите персоналот во болницата Александровска во Софија, кој се борела против пандемијата ковид-19. Сепак, неговите противници го критикуваа дека на почетокот на пандемијата тој бил против мерките.

Сам си организирал референдум на телевизија

Најважниот настан со кој Трифонов станал политичар, бил кога тој самиот решил дека ќе прави референдум. И тоа, на телевизија. Избрал три актери, кои глумеле дека се негов тим од изборната комисија, и ги повикал граѓаните на Бугарија да гласаат дали сакаат промена на изборниот модел во земјата.

Над 2,5 милион Бугари гласале „за“ промена на пропорционален во мнозински модел, и недостасувале само 12.000 гласа за референдумот на Трифонов да биде гласан во Собранието на Бугарија, слично како што во Македонија е легално да се предложи закон со 10.000 потписи на официјален или неофицијален референдум.

Додека Трифонов обвинувал дека референдумот била „монструозна измама“, неговата политичка слава растела. На граѓаните им се допаднале неговите залагања против коруптивното владеење на Борисов и ГЕРБ и Трифонов им се приклучил на големите протести низ земјата.

Трифонов не e прв, тука се „лажгото“ Трамп и комичарот Зеленски

Трифонов не е прв комичар или јавна личност кој би можел да води цела држава. Во светот, тоа е растечки тренд. Трамп ја освои Америка со своите твитер-постови и неговото реално шоу, а комичарот Зеленски беше трета партија и уште е надеж на Украина.

Се чини дека било само прашање на време кога бугарскиот народ, исцеден од двете големи партии ГЕРБ и БСП, ќе ја канализира својата желба за трета опција во една личност каква што е Слави Трифонов.

Поврзани содржини