Со пет земји од Балканот од утре разговори без роаминг

За разговорите од земјава со пријатели од Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина ќе се плаќа исто како дома.

668

Од утре се укинува роамингот за телефонски разговори, СМС пораки и интернет меѓу Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Со тоа ќе се заокружи примената на Договорот од Вториот дигитален самит од 2019 година меѓу шесте држави од Западен Балкан.

Првата фаза од спроведувањето на договорот почна во 2019 година, кога цената на роамингот беше намалена и за над 80 проценти, а од утре стартува втората фаза и целосно укинување на роамингот.






Од Агенцијата за електронски комунукации (АЕК) за МИА изјавија дека се завршени сите чекори за  разговори, пораки и пренос на податоци без тарифирање во роаминг.

Почнувајќи од утре се предвидува напуштање на дополнителното тарифирање за роаминг услугите, односно се воведуваат цени за роаминг услуги исти како цените на електронските комуникациски услуги на домашниот пазар (Roaming Like At Home). Тоа значи дека корисниците на роаминг-услугите во земјава од утре нема да доплаќаат повисоки цени од домашните тарифни модели за користење на роаминг-услугите кога ќе патуваат во останатите пет земји потписнички на Спогодба, без разлика дали станува случај за користење на интернет, говор или СМС. Влезниот повик во роаминг ќе се третира исто како и влезниот повик во домашниот пазар односно без дополнителен надомест за корисникот.

Регионалниот договор за роаминг беше потпишан во април 2019 година во Белград во рамки на Вториот дигитален самит на земјите од Западен Балкан.

Следен чекор се активности за укинување на цените во роаминг помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската унија. Од АЕК истакнуваат дека за такво нешто е потребна волја од Европската унија за потпишување спогодба со нас и оти држава е подготвена.

Државава има потпишано одделни меморандуми за намалување на цените на роаминг услугите и со Грција и со Бугарија, но тие не се стапени во сила.

Поврзани содржини