Мутираните верзии на коронавирусот се опасни – ќе делуваат ли вакцините?
Не е неочекувано да се појават и нови варијанти - сите вируси мутираат за да се шират и да напредуваат. Постојат повеќе од илјада различни верзии или варијанти на ковид-19, објави Би-Би-Си.
Новите типови на коронавирусот се многу позаразни од оригиналниот ковид-19. Експертите непрекинато ги проучуваат овие мутирани верзии за да сфатат каква е опасноста од нив. Не е неочекувано да се појават и нови варијанти – сите вируси мутираат за да се шират и да напредуваат. Постојат повеќе од илјада различни верзии или варијанти на ковид-19, објави Би-Би-Си.
Кои се новите видови?
Експертите засега проучуваат мал број нови варијанти од коронавирусот. Прва е британската верзија која е доминантна во најголемиот дел на Велика Британија и која се прошири во повеќе од 50 други држави во светот. Втора е јужноафриканската која е пронајдена во најмалку 20 други држави, меѓу кои и Велика Британија. И третата варијанта е од Бразил.
Колку се опасни новите варијанти?
Научниците сметаат дека британската, јужноафриканската и бразилската верзија на вирусот можат да бидат многу позаразни или многу полесно да се шират отколку претходната верзија. Сите три варијанти имаат измени во шилестиот протеин кој е дел од вирусот и кој се лепи на човечките ќелии. Како последица на тоа, овие нови верзии се многу поуспешни во заразувањето и ширењето на пандемијата. Експертите сметаат дека британската верзија се појавила во септември минатата година и дека е до 70 отсто полесна за пренесување. За јужноафриканската верзија сметаат дека се појавила еден месец подоцна од британската, но дека има потенцијално поголеми промени во шилестиот протеин отколку во британската верзија. Бразилската варијанта, пак, се појавила во јули минатата година и неодамна е забележана кај четворица патници кои пристигнале во Јапонија од Бразил.
Ќе делуваат ли вакцините?
Актуелните вакцини се направени за претходната верзија на коронавирусот, но научниците се уверени дека тие би требало да бидат ефикасни и против новите верзии. Во тек се лабораториски истражувања со цел да се провери тврдењето на научниците. Вакцините, меѓутоа, го обучуваат телото да нападне неколку делови на вирусот, а не само деловите на шилестиот протеин. Во иднина би можеле да се појават нови варијанти кои ќе бидат уште поразлични. Но, дури и во најлош можен случај, вакцините можат да бидат редизајнирани со цел подобро да ги уништуваат новите верзии на вирусот.