Се реорганизираат клиниките и кадарот за помош на Инфективната клиника
Ова е договорено денеска на средба на Министерот за здравство со директорите на клиниките и медицинскиот кадар од клиниките во скопје и низ земјата.
Ќе се реорганизираат клиниките и општите болници во земјата за да се обезбеди простор и дополнителен капацитет на интерните одделенија, и ќе се прераспределува кадарот за да се оптимализира кадарот од Клиниките во Скопје кој ќе биде активиран за дополнителна помош во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби каде се третираат пациенти од ковид-19.
Ова денеска го договориле министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски со директорите од Универзитетските клиники, Клиничките и општите болници во државата, како и со главните медицинските сестри од Клиниките во Скопје.
– Во периодот кој претстои ги зајакнуваме сите здравствени капацитети во земјава. Правиме целосна мобилизација на здравствените работници од јавното здравство, кои ќе бидат вклучени во лекувањето на пациентите со коронавирусот, а исто така ќе им бидат помош и на колегите во инфективните одделенија. Спремаме дополнителни капацитети со цел подобро справување со овој непредвидлив вирус во зимскиот период – изјавил Филипче.
Тој информира дека се очекува да пристигнат и брзите тестови во помош при детекција на присуство на ковид вирусот при хоспитализација на пациентите.