Платежните картички и електронското банкарство сѐ повеќе се користат од страна на граѓаните

Кај плаќањата со платежни картички е остварен висок годишен раст на вредноста и бројот на трансакциите од 27,6% и 31%, соодветно, движен од физичките лица - се вели во соопштението од Народна банка.

861

Плаќањата на физичките и правните лица во земјата со посредство на банките, преку користење на кредитните трансфери и платежните картички, во првиот квартал од оваа година забележаа годишен раст од 15,2% на бројот и 5,8% на вредноста на остварените трансакции. Кај плаќањата остварени со кредитни трансфери годишниот раст на бројот на трансакции изнесува 4,4%, а кај вредноста 5,6%. Во однос на плаќањата со платежни картички во трговијата, забележан е висок годишен раст кај бројот и вредноста на остварените трансакции од 27% и 26,2%, соодветно.

– Во март, кога започна здравствената криза во нашата земја, забележан е годишен раст на вредноста на трансакциите со кредитни трансфери од 4,9%, извршени со зголемен број на трансакции кај физичките лица за 1,3% и благ пад кај правните лица од 0,7. Кај плаќањата со платежни картички е остварен висок годишен раст на вредноста и бројот на трансакциите од 27,6% и 31%, соодветно, движен од физичките лица – се вели во соопштението од Народна банка.






По отпочнување на корона-кризата, физичките лица сè повеќе ги користеле придобивките на електронското банкарство. Бројот на електронски кредитни трансфери иницирани од страна на граѓаните во март се зголемил за значителни 30,3% на годишна основа, односно за 21,4% на месечна основа. За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле компјутерите. Поконкретно, кај плаќањата извршени преку компјутер, во март се забележува висок годишен раст од 26,4% односно месечен раст од 27,2%, кој е двојно повисок од годишниот раст во првиот квартал од оваа година кој изнесуваше 13,8%. Исто така, за извршување плаќања, значително повеќе во споредба со претходно граѓаните ги користеле мобилните телефони. Бројот на плаќања извршени со мобилен телефон во март пораснал за 45,5% на годишна основа, при поумерен месечен раст од 7,4%. Остварениот раст кај плаќањата извршени на ваков начин е релативно блиску со годишниот раст остварен во првиот квартал од минатата година, од 45,9%. Тековно, од страна на граѓаните, еден од четири електронски кредитни трансфери се иницира преку мобилен телефон, додека останатите три електронски кредитни трансфери се иницираат со користење компјутер.

– Менувањето на навиките на граѓаните заради условите коишто ги наметна пандемијата на ковид-19, придонесе и за релативно висок годишен пад на бројот на кредитните трансфери иницирани на хартија од 6,9% во март оваа година, односно месечен пад од 13%. Притоа, годишниот раст на кредитните трансфери иницирани на хартија, во првиот квартал од оваа година изнесува 4,1%. Сепак, користењето на хартиените налози од страна на граѓаните сѐ уште е високо, имајќи предвид дека речиси три од четири кредитни трансфери се иницираат на хартија – додаваат од НБРСМ.

Плаќањата со платежни картички на физички места на продажба во првиот квартал од 2020 година остварија висок годишен раст од 22,3%, којшто е движен пред сè од физичките лица. Притоа, во март беше забележан годишен раст на бројот на трансакциите на физичките лица од 11,4%, при висок годишен пад на трансакциите кај правните лица од 17,8%.

– Во однос на користењето на платежните картички на местата на продажба на интернет, во првиот квартал од оваа година исто така е забележан висок годишен раст кај бројот на трансакциите со 62,3%, кој е движен пред сè од физичките лица. Граѓаните поинтензивно ги користеле платежните картички за купување преку интернет во март, достигнувајќи многу висок годишен раст од 99%, при регистриран годишен пад кај бројот на трансакциите на правните лица за 2,5% – се вели во соопштението.

Поинтензивното користење на придобивките од електронското банкарство и купувањето преку интернет во текот на март, во значаен дел се должи на прифаќањето на апелот на Народната банка за безготовински плаќања и за користење на платежните картички, како и на активностите коишто ги презедоа банките по започнувањето на корона-кризата, заради заштита на јавното здравје.

Поврзани содржини