ЗАГРЕБ ЌЕ ИМ ИЗГРАДИ СПОМЕНИК НА 18.000 ЖРТВИ ОД КОРОНАТА Стигнаа првите реакции во хрватската јавност
Минатата недела градоначалникот Томислав Томашевиќ даде согласност да се подигне скулптура во спомен на сите погодени од пандемијата. Беше избрана и симболична локација.
Загреб добива споменик посветен на 18.000 лица загинати од последиците на ковид-19, пишува Јутарни лист. Скулптурата ќе биде изработена од камена коцка од гранитен масив со димензии 70х70х70 см, тип „Неро Импала Медиум“, со изгравиран текст во сребрен тон на горниот дел и грбот на градот Загреб на предната страна, се вели во написот.
Веста за изградбата на споменикот веќе ја разбранува хрватската јавност. „Ако е вистина тоа што го слушам, тоа е ужас“, се парафразира во насловот на статијата на Јутарни. Коментарите на социјалните мрежи се поделени.
„Одвратно“, напиша еден корисник на Икс.
„Мене ова ми личи на политичко профитерство“, напиша друг.
Минатата недела градоначалникот Томислав Томашевиќ даде согласност да се подигне скулптура во спомен на сите погодени од пандемијата. Одбран е и проектантот и изработена е техничка документација.
Беше избрана и симболична локација. Споменикот треба да стои пред Наставниот институт за јавно здравје „Др. Андрија Штампар“ на загрепската улица Мирогојска.
Иако предлогот беше поднесен во 2023 година, кога Владата на Република Хрватска официјално прогласи крај на епидемијата, одлуката беше донесена речиси две години подоцна.