ЗА ДА ИМА АЛБАНЦИ НА ВОЕНАТА АКАДЕМИЈА, ТРЕБА И ДА СЕ ПРИЈАВАТ Министерството за одбрана ѝ одговори на ДУИ

За да постои и за да се вреднува правичната и соодветна застапеност, потребно е граѓани што се од соодветната етничка припадност да се пријават на јавните и транспарентни огласи за прием на питомци во Воената академија, реагира Министерството за одбрана на обвинувањата на ДУИ.

6

Популистички, паушални и со етнички предзнак се обвинувањата од партијата ДУИ и водат само кон меѓуетничка нетрпеливост, а не кон разумно прикажување на фактите, реагираше денеска Министерството за одбрана, откако ДУИ обвини дека во Воената академија годинава не е примен ниту еден кадет Албанец.

ДУИ го обини ВЛЕН дека не успеал да обезбеди соодветна застапеност на Албанците во институциите.






„Владата треба да разбере дека не се гради доверба меѓу политичките партнери преку декларации. Ваквите случаи го нарушуваат духот на Охридскиот рамковен договор и го ослабуваат принципот на правична и соодветна застапеност, што може да се одрази и врз меѓуетничките односи“, соопшти ДУИ.

Министерството за одбрана во својата реакција наведе дека на конкурсот за прием на 29 питомци на Воената академија биле пријавени вкупно 99 кандидати.

„Од вкупно пријавените кандидати, двајца се од албанска етничка припадност, еден е Ром, еден е Влав и 95 се Македонци. За 29 места на Воената академија во процесот на селекција вкупно 46 лица ги поминале критериумите наведени во конкурсот. Од двете лица од албанска припадност едното се откажало, а второто според ранг-листата, завршило на 43. место“, соопшти Министерството за одбрана.

Од Министерството потенцираат дека за да биде примен некој, потребно е и да се пријави.

„За да постои и за да се вреднува правичната и соодветна застапеност, потребно е граѓани што се од соодветната етничка припадност да се пријават на јавните и транспарентни огласи за прием на питомци во Воената академија. Истовремено, нема да отстапиме ниту од принципот во Армијата да бидат примени најдобрите од најдобрите затоа што станува збор за кадар што е задолжен со она што ни е најважно на сите нас: безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните. Министерството ќе продолжи високо да ја вреднува правичната и соодветна застапеност“, пишува во реакцијата.

Поврзани содржини