ОБСЕ МОЖЕ ДА ПОМОГНЕ ВО ОЛЕСНУВАЊЕ НА ДИЈАЛОГОТ СО БУГАРИЈА Претседавачот Ињацио Касис по средбата со Муцунски

За организации како ОБСЕ ова е моментот кога треба да бидат корисни – рече шефот на ѓвајцарската дипломатија и претседавач на ОБСЕ.

0

ОБСЕ може да помогне во процесот на евроиинтеграција на Македонија како и во олеснување на односите со соседните земји – рече министерот на Сојузниот оддел за надворешни работи на Швајцарија и претседавач со ОБСЕ, Ињацио Касис по денешната средба во Скопје со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Во фокусот на средбата беа продлабочување на билатералната соработка, зајакнување на економските и трговските врски, поддршка за стабилноста на Западен Балкан и европската интеграција.






Касис нагласи дека просперитетот и стабилноста на Западен Балкан се приоритет за Швајцарија и за целиот регион на ОБСЕ, при што ја поздрави и поддржа европската перспектива на земјата за која оцени дека ќе придонесе за зајакнување на нејзината позиција во поширокиот безбедносен и политички контекст.

– Ние сакаме да се задржи довербата бидејќи, без доверба, нема безбедност, а без безбедност – нема ни просперитет. Тоа се трите концепти што Швајцарија ги избра како слоган за ОБСЕ – порача Касис.

Тој посочи дека ОБСЕ може да помогне во процесот на интеграција преку набљудување и анализа на состојбите во владеењето на правото, како и преку олеснување на односите со соседните земји. Во таа насока, нагласи Касис, организацијата преку својата мисија во земјата е подготвена да продолжи да дава поддршка.

– За организации како ОБСЕ ова е моментот кога треба да бидат корисни. Лесно е да се биде организација во која се разговара за убави работи и за кои сите се согласуваат. Многу потешко е да се биде организација што треба да се соочи со длабоки несогласувања во толкувањето на реалноста и во однос на иднината што треба да им се обезбеди на земјите – рече шефот на швајцарската дипломатија.

Тој упати апел до државите да ја преземат одговорноста за одржување на дијалогот, посочувајќи дека токму тоа е една од основните задачи на ОБСЕ.

Поврзани содржини