ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЈА ПРЕПОЗНА РЕФОРМАТА НА АДМИНИСТРАЦИЈАТА Граѓаните треба да ги почувствуваат промените во услугите

Како дел од реформскиот процес, министерот ги посочи и новите законски решенија за високите раководители, административните службеници и вработените во јавниот сектор, со кои се поставуваат појасни професионални критериуми, вреднување според резултатите и поголема одговорност во работењето.

0

Граѓаните не ги оценуваат институциите според нашите планови и ветувања. Ги оценуваат според услугата што ја добиваат, одговорот што го чекаат и довербата што ја имаат во системот. Нашата цел е знаењето да стане сила на администрацијата, професионалноста нејзин стандард, а довербата на граѓаните нејзин најголем резултат, порача министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во своето обраќање на третиот циклус генерички обуки за административните службеници за 2026 година, што се одржа во Куманово за службениците од Североисточниот регион.

Минчев посочи дека реформата на јавната администрација веќе добива конкретна институционална и законска основа, а напредокот е препознаен и во Извештајот на Европската комисија за 2026 година. Во него се нотирани преземените чекори за зајакнување на капацитетите на Министерството за јавна администрација, унапредување на системот за управување со човечките ресурси, како и воспоставување поцврста рамка за професионално и одговорно функционирање на администрацијата.






– Оценките на Европската комисија се важен показател дека сме на реформски пат кој мора да го продолжиме со уште посилна динамика. Но, за нас најважно е реформите да не останат само законски решенија и институционални промени. Тие мора да се почувствуваат во секојдневната работа на институциите и во услугите што ги добиваат граѓаните – истакна Минчев.

Осврнувајќи се на следната фаза од професионализацијата на администрацијата, Минчев го истакна и воспоставувањето на Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници, како еден од клучните столбови на реформата.

– Не ја градиме Академијата за да добиеме уште една институција во системот. Ја градиме за да воспоставиме механизам што ќе обезбеди континуирано учење, квалитетни програми, унифицирани стандарди и реални можности за професионален развој. Сакаме знаењето да не завршува со обуката, туку да се применува во работата и да носи подобри резултати – истакна Минчев.

Како дел од реформскиот процес, министерот ги посочи и новите законски решенија за високите раководители, административните службеници и вработените во јавниот сектор, со кои се поставуваат појасни професионални критериуми, вреднување според резултатите и поголема одговорност во работењето.

Министерството за јавна администрација продолжува да гради систем во кој знаењето се вреднува, професионалноста се поттикнува, а одговорноста е стандард за сите. Крајната цел е создавање силна, компетентна и ефикасна администрација, која ќе одговори на потребите на граѓаните и ќе ја оправда нивната доверба преку квалитетна услуга и конкретни резултати.

Поврзани содржини