ВО ЦЕНТАР ИМА 6.100 ПАРКИНГ МЕСТА, А ИЗДАДЕНИ СЕ ПОВЕЌЕ ОД 16.000 ПАРКИНГ КАРТИ Општината бара граѓаните да си ги користат гаражите за паркирање

Во Општина Центар се најавуваат нови правила за паркирање кои треба да го намалат хаосот на улиците и да ги натераат граѓаните да ги користат сопствените гаражи, наместо јавните паркинзи.

149

Недостигот на паркинг места во Општина Центар со години претставува еден од најголемите проблеми со кои секојдневно се соочуваат жителите.

Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) управува со околу 6.100 паркинг места, додека во исто време се издадени над 16.000 повластени паркинг карти. Од претпријатието појаснуваат дека ваквата состојба произлегува од досегашниот модел, според кој секој жител што ги исполнува условите има можност да склучи договор за повластено паркирање.






– А со оглед на тоа што услугата беше бесплатна за сите жители со лична карта во Центар, интересот за користење на повластените услови беше огромен, додека бројот на јавни паркинг места останува ограничен. Токму ваквиот сооднос јасно го покажува притисокот врз јавниот простор во Центар и потребата од воведување пофер, поорганизиран и поодржлив систем на користење на паркингот – велат од ПОЦ.

Гаражите често се користат за други намени

Но, проблемот, како што се наведува, не е само во бројот на возила и ограничениот јавен простор, туку и во начинот на кој се користат постојните приватни капацитети.

Во пракса, дел од приватните гаражи и паркинг-простори во централното градско подрачје не се користат за паркирање, туку за други намени – како магацински простори, работилници, деловни простории или простори за издавање.

Во густо населените делови на Центар, како Капиштец, Дебар Маало, Буњаковец и потесното централно подрачје, голем број станбени единици, објекти и индивидуални куќи располагаат со приватни гаражи или гаражни места.

Но, наместо во нив да бидат безбедно паркирани нивните автомобили, честопати овие простори не се користат за нивната основна намена, додека возилата се паркираат на јавните паркиралишта и улиците.

Многу жители ги имаат пренаменето своите гаражи во магацини за приватни бизниси, ги претвориле во деловни објекти, или пак, водени од личен профит, ги издаваат по високи комерцијални цени на пазарот, бидејќи вредноста на гаражниот простор во Центар вртоглаво расте.

Па така, сопствениците кои имаат каде да го паркираат своето возило во сопствениот имот, избираат да го заземат резидентното место на улица. На тој начин се создава дополнителен притисок врз јавните паркиралишта и се намалуваат можностите за паркирање на оние сограѓани кои реално немаат друга опција и навистина зависат од отворените паркинг сектори.

Од ПОЦ порачуваат дека јавниот паркинг-простор мора да се третира како ограничен ресурс.

„Јавниот паркинг-простор во Центар е ограничен ресурс. Не е фер ниту одржливо јавниот простор да биде трајно окупиран, додека приватните гаражи стојат празни или се користат за други намени. Наш приоритет е жителите навистина да можат да најдат паркинг во близина на своите домови“, посочуваат од претпријатието.

Нови правила: повластени карти по адреса, не по жител

Новите правила за паркирање предвидуваат промени во начинот на издавање на повластените паркинг карти.

Наместо како досега – по жител, повластените карти отсега ќе се издаваат по станбена единица, односно по адреса. Првото возило ќе остане бесплатно, додека за второто и третото возило ќе се плаќа надоместок.

Целта, како што велат од претпријатието, не е казнување на граѓаните, туку воведување баланс и поправедна распределба на јавниот простор.

– Кога приватниот простор не се користи за својата основна намена, целиот товар паѓа врз улиците и јавните паркиралишта. Тоа создава дополнителен метеж и незадоволство кај граѓаните. Затоа ни се потребни јасни правила и фер систем кој ќе обезбеди поодговорно користење на просторот – велат од ПОЦ.

Од ЈП ПОЦ нагласуваат дека со ваквиот модел се поттикнува порационално користење на возилата, поголема употреба на постојните приватни гаражи и подобра заштита на јавниот паркинг-простор за оние жители на кои тој им е навистина неопходен.

Поврзани содржини