ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ОПЕРИРАНО БЕБЕ СТАРО 9 ДЕНА СО РЕДОК ТУМОР НА НАДБУБРЕЖНА ЖЛЕЗДА Дијагнозата била поставена за време на бременоста

Детскиот хирург доц. д-р Ристо Симеонов, кој ја изврши оваа исклучително сложена операција, објаснува дека се работи за многу ретка состојба која бара брза дијагностика, мултидисциплинарен пристап и врвна хируршка прецизност.

0

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ успешно беше извршена сложена операција кај новороденче старо само девет дена. Уште во текот на бременоста, кај бебето била откриена туморска маса на десната надбубрежна жлезда, со сомнение дека станува збор за невробластом.

Детскиот хирург доц. д-р Ристо Симеонов, кој ја изврши оваа исклучително сложена операција, објаснува дека се работи за многу ретка состојба која бара брза дијагностика, мултидисциплинарен пристап и врвна хируршка прецизност.






– Овие тумори најчесто се развиваат по раѓањето и исклучително ретко се дијагностицираат уште додека плодот е во утробата, а уште поретки се операциите кај бебиња стари само неколку дена. Во високоразвиените европски центри, како педијатриската болница Bambino Gesù во Италија и Great Ormond Street Hospital во Лондон, годишно се оперираат само 5 до 10 вакви случаи – посочува д-р Симеонов.

Операцијата била високоризична поради големината и специфичната положба на туморот. Ваквите интервенции бараат максимална смиреност, прецизност и искуство од целиот тим, особено хирургот и анестезиологот.

МУЛТИДИСЦИПЛИНАРЕН ПРИСТАП ВО ТРЕТМАНОТ

Невробластомот кај деца бара третман во високо специјализирани центри за детска хирургија и педијатриска онкологија, со вклучување на мултидисциплинарен тим составен од детски хирурзи, педијатри хемато-онколози, неонатолози, радиолози, анестезиолози и патолози.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ располага со потребните ресурси за третман на вакви комплексни случаи: современа дијагностика, искусен медицински тим, оперативни капацитети, неонатална и педијатриска интензивна нега, како и континуирано постоперативно следење.

ДИЈАГНОЗА ПОСТАВЕНА УШТЕ ВО ТЕКОТ НА БРЕМЕНОСТА

При редовен ултразвучен преглед во 36. гестациска недела кај 24-годишна пациентка од Скопје, која редовно ја следела бременоста во друга установа, била забележана туморска формација на надбубрежната жлезда кај плодот. За второ медицинско мислење, пациентката се обратила во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. На Одделот за гинекологија и акушерство ја примила д-р Милица Калмарас, специјалист по гинекологија и акушерство, која ја потврдила дијагнозата и го извела и породувањето во 39. гестациска недела.

Уште пред раѓањето на бебето, во координација со детскиот хирург доц. д-р Ристо Симеонов, бил формиран мултидисциплинарен тим за понатамошно следење и лекување. Веднаш по раѓањето, новороденчето било згрижено на Одделот за неонатологија под надзор на д-р Симонида Спасевска, специјалист по педијатрија. Веднаш биле започнати сите неопходни испитувања за прецизно утврдување на дијагнозата и планирање на соодветниот третман.

ОТСТРАНЕТ ТУМОР СО ГОЛЕМИНА НА БЕБЕШКА ГЛАВА

Магнетната резонанца и биопсија, направена од страна на проф. д-р Зоран Трајковски, специјалист по радиодијагностика, покажала дека туморската маса значително се зголемила по раѓањето. Со цел прецизно да се утврди евентуално детектирање на раширеност на болеста во коскената срцевина, доц. д-р Билјана Чонеска-Јованова, педијатар хемато-онколог, направила пункциска биопсија на коскена срцевина.

– Пренатално, туморот имаше дијаметар од околу пет сантиметри. Сепак, магнетната резонанца направена по раѓањето покажа дека масата се зголемила повеќе од двојно, достигнувајќи дијаметар од дури 11 сантиметри – објасни детскиот хирург доц. д-р Ристо Симеонов.

Според европските медицински препораки, пренатално дијагностицираните невробластоми во принцип треба да се следат, има правило на следење на состојбата и чекање. Кај ова новороденче, сепак, брзиот раст на туморот и неговото влијание врз здравствена состојба на бебето наложиле итна хируршка интервенција.

– Кај пренатално дијагностицираните невробластоми постојат строго утврдени правила за следење и лекување. Но кога туморот ќе се зголеми за повеќе од 40 проценти, мора да се разгледа можноста за оперативен третман. Во нашиот случај, неговите димензии беа зголемени за повеќе од 100 проценти. Туморот вршеше силен притисок врз големите крвни садови, вена кава и аорта, предизвикувајќи нарушена циркулација и отежнато дишење. Поради тоа донесовме одлука за итна операција – објаснува доц. д-р Симеонов.

Доц. д-р Ристо Симеонов во најкраток можен рок го формирал оперативниот тим. Во интервенцијата учествувале и д-р Златко Алексовски, специјалист по детска хирургија, и д-р Милчо Мицевски, специјалист по анестезиологија.

– Кај пациентот беше изведена деснострана адреналектомија, односно целосно отстранување на туморската промена заедно со десната надбубрежна жлезда. Оперативниот материјал се испрати на патохистолошка анализа, чиј резултат ја потврди конечната дијагноза. Најголемиот предизвик во ваквите интервенции е туморот да се отстрани во целост, без притоа да се оштетат околните витални органи, десниот бубрег и црниот дроб без да се повредат големите крвни садови, вена кава и аорта затоа што операцијата може да заврши фатално. Оперативниот и постоперативниот тек поминаа уредно, а пациентот беше испишан во добра општа и локална состојба, со препораки за понатамошна нега и редовни контроли – вели д-р Симеонов.

По успешно завршената операција, бебето било префрлено на Одделот за неонатална интензивна нега, каде што продолжиле интензивното следење и постоперативниот третман.

Според д-р Чонеска-Јованова, во примерокот добиен со пункциска биопсија на коскената срцевина не било утврдено присуство на малигни клетки. Дополнително, примероците од коскената срцевина и од туморското ткиво биле анализирани со флуоресцентна ин ситу хибридизација (FISH), со цел да се утврди евентуално присуство на амплификација на онкогенот MYCN.

– Во анализираните примероци не беше детектирана амплификација на онкогенот MYCN. Во комбинација со поволната хистологија, локализираната болест, отсуството на далечни метастази и целосното хируршко отстранување на туморот, ова претставува исклучително поволен прогностички фактор. Станува збор за нискоризичен невробластом, без потреба од дополнителна хемотерапија или радиотерапија. Веројатноста за трајно излекување е многу висока, а во понатамошниот период се неопходни редовни контроли, кои вклучуваат имиџинг-процедури и лабораториски испитувања – објаснува д-р Чонеска-Јованова.

По успешно завршената операција, семејството изрази искрена благодарност до лекарите, медицинските сестри и целиот персонал за брзата реакција, стручноста и поддршката што им била дадена за време на престојот во болницата.

Поврзани содржини