ВАРДАРЦИ СЛАВЕА ВУЛГАРНО, ЌЕ ОДГОВААТ ДИСЦИПЛИНСКИ Еве со што го навлекоа бесот на ФФМ, на министерот за спорт и на јавноста
Ваквото однесување е недолично без разлика кон кого е насочено, без разлика дали станува збор за јавни личности, за навивачи на другиот тим, за фудбалери или за кој било друг – се вели во реакцијата на ФФМ.
Фудбалската федерација на Македонија и Министерството за спорт осртро го осудија навредливото однесување на фудбалерите на Вардар при прославата на титулата, а ФФМ најави дека ќе отвори дисциплинска постапка против новиот шампион.
ФК Вардар со победата против Струга од 1-0 практично ја обезбеди шампионската титула, со оглед на тоа што, на едно коло пред крајот на првенството, дербито со Шкендија наредниот викенд во Скопје практично нема да има резултатско значење.
Откако стана јасно дека Вардар повторно ќе биде шампион на Македонија, следуваше славје помеѓу фудбалерите и навивачите. Но, вардарци претераа со славјето, што може да се види од снимки што беа објавени на социјалните мрежи, каде се глда дека титулата ја слават со вулгарна песна за Битола и за македонската поп-ѕвезда Каролина Гочева. Всушност, тие пејат преработка на познатата песна „Дирлада“ од групата Меморија, каде се уфрлуваат вулгагизми на сметка на пејачката Гочева. Не е јасно што точно имаат против македонската пејачка дива навивачите и играчите на Вардар.
„Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) изразува осуда за навредливото и недолично однесување на ФК Вардар при прославата на победата и обезбедувањето на титулата шампион на Македонија.
ФФМ отсекогаш апелирала и повикувала на достоинствен начин на однесување при победите и на понизност при поразите.
Особено е неприфатлива потребата да се повикуваат навредливи содржини и да се пее вулгарни и навредливи текстови при прославувањето на победата. Ваквото однесување е недолично без разлика кон кого е насочено, без разлика дали станува збор за јавни личности, за навивачи на другиот тим, за фудбалери или за кој било друг.
Ривалитетот меѓу екипите е посакуван и здрав само кога е достоинствен и исполнет со меѓусебна почит, а секаква форма на говор на омраза, навреди и неспортско однесување нема место во фудбалот“ – соопшти Федерацијата.
ФФМ најави дека, како и во претходните ситуации кога беа казнувани екипите на ФК Тиквеш, ФК Осогово, ФК Вардар и други, ќе постапува согласно своите пропозиции и дисциплинските правилници. По овој повод, Дисциплинскиот инспектор при ФФМ веднаш ќе отвори постапка против клубот во врска со последните случувања.
И министерот за спорт Борко Ристовски јавно го осуди навредливото однесување на играчите и навивачите на ФК Вардар и побара клубот јавно да се извини за постапките.
– Во однос на синоќешните видеоснимки кои се појавија од прославата на ФК Вардар, како Министерство, но и од мое лично име како министер за спорт, сакаме да ја известиме македонската јавност дека недвосмислено го осудуваме ваквиот тип прослави, кои вклучуваат навреди по која било основа, особено доколку во нив се вклучени спортски работници, играчи, селектори и лица од јавниот живот.
Слични случувања имаше и минатата недела во Кавадарци, со политички конотации и навреди кон спортски институции, меѓу кои и ФФМ, а истото сега повторно се повторува. Министерството за спорт најостро ги осудува ваквите провокации и јавно бара чинителите да и се извинат на македонската јавност.
Воедно апелираме вакви случувања во иднина да не се повторуваат, затоа што Министерството за спорт ќе изнајде начин секој ваков настан соодветно да биде санкциониран – рече министерот за спорт Борко Ристовски.