ВАЈЦ ПОБАРА ДА СЕ НАГРАДИ НАПРЕДОКОТ НА МАКЕДОНИЈА Поднесе и амандман со кој се ескивира Вториот протокол
Австрискиот известувач особено ги револтираше бугарските европратеници со алузиите кон соучесништвото на Бугарија со нацистичкиот режим во Втората светска војна.
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент Томас Вајц во текот на дебатата за европската иднина на земјите од Западен Балкан се заложи за нејзино наградување за напредокот и за спроведените реформи.
– Многу земји во регионот, а секако и Република Северна Македонија, покажаа напредок, спроведоа реформи, ова е видливо. Плаќањата се извршени кон земјата, постои динамика во оваа земја. Се работи на реформите што ги побаравме и ова треба да се награди. Можеби со делумна интеграција на пазарот и нашиот роаминг простор – рече тој.
Според Австриецот, целта е да не се изгуби мотивацијата во Македонија, додавајќи дека лично верува оти прашањата за идентитетот го растргнале регионот на Западен Балкан.
– Рани се отворени и навистина е многу важно кога една од овие земји ќе постигне напредок и ќе има добри односи со своите соседи. Не ни треба повторно регион со етнички проблеми – рече Вајц.
Тој посебно ги револтираше бугарските европратеници со алузиите кон Бугарија и нејзиното соучесништвото со нацистичкиот режим во Втората светска војна.
– Инвестирањето во помирување и во добри билатерални односи не е лесно. На Австрија ѝ беа потребни 40 години за да признае дека била соучесник во нацистичкиот режим – рече Вајц.
Кај членовите на ЕП од Бугарија наиде на гнев неговото видување за идентитетските прашања.
– Никогаш не би си дозволил да го доведам во прашање идентитетот на соседна земја. Исто како што не би си дозволил да го доведувам во прашање идентитетот на Бугарија, бидејќи таа беше под турска власт 500 години. Мора да бидеме свесни за реално остварливото градење добрососедски односи меѓу Република Северна Македонија и Бугарија. Имаме улога да го поддржиме градењето на овие добрососедски односи и да не ја занемариме темата – потенцира Вајц.
Тој предложи амандман за бришење на параграфот 73 од извештајот за Македонија, во кој се бара „реално остварливи резултати“ на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања според Вториот протокол.
Зад оваа навидум строго техничка постапка лежи политички маневар: ако амандманот биде усвоен, текстот нема конкретно да го спомене Вториот протокол кон Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Според бугарските медиуми, бугарските европратеници имаат помалку од еден месец да ги мобилизираат големите европски семејства и да го одбранат местото на Вториот протокол во резолуцијата, со цел да го спречат Вајц да го истурка надвор од Ивештајот за Македонија што на 6 јули ќе се најде на пленарна седница на Европскиот Парламент.
Во предметниот став се инсистира Заедничката историска комисија да постигне „јасни и опипливи резултати“, потпирајќи се исклучиво на „објективни, автентични и докажани историски извори и документи“, „во согласност со одредбите од Вториот протокол“. Терминот „заедничка историја“ е исто така присутен таму.
Во исто време, Вајц го остава ставот 71 недопрен, барем според јавно достапните информации, во кој важноста на Комисијата е наведена во многу поблага верзија и правилно е забележано дека самите историски толкувања не се дел од формалните критериуми за членство во ЕУ.