УСЈЕ ЌЕ ИМПЛЕМЕНТИРА НАЈНОВИ И НАЈСТРОГИ ЕКОЛОШКИ СТАНДАРДИ Министерот Хоџа ги демантира шпекулациите дека цементарницата ќе добие дозвола по стари правила
Во првата недела од јули ќе се одржи јавна расправа на територијата на Општина Кисела Вода, каде што е лоцирана фабриката. Заради целосна транспарентност, Министерството јавно ќе го објави целиот записник – рече министерот Хоџа.
Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа на вечерашното гостување во емисијата „Топ тема” на телевизија Телма, ја демантираше информацијата дека цементарницата УСЈЕ ќе добие дозвола по стари правила.
– По барање на МЖСПП, УСЈЕ уште сега ќе ги имплементира најновите и построги еколошки стандарди, иако новиот закон за индустриски емисии стапува на сила дури во септември 2027 година. Истото ќе важи за сите оператори кои поседуваат А интегрирана еколошка дозвола”- истакна Хоџа. Со оглед на тоа што по 2027 година сите дозволи ќе мора да се ревидираат, според министерот, логично е секое тековно обновување да се врши според идните, повисоки критериуми за заштита на амбиенталниот воздух и околината.
Хоџа истакна и дека институционалниот рок за увид во барањето за дозвола за УСЈЕ сè уште тече.
– Барањето за дозвола беше јавно објавено на 22 мај на веб-страницата на Министерството и уредно доставено до Општина Кисела Вода и Град Скопје. Законскиот рок за поднесување забелешки трае до 22 јуни. Во првата недела од јули ќе се одржи јавна расправа на територијата на Општина Кисела Вода, каде што е лоцирана фабриката. Заради целосна транспарентност, Министерството јавно ќе го објави целиот записник – рече министерот Хоџа.
Според него, протестот е загарантирано уставно право кое тој секогаш го поддржуваа, но во овој случај има јасна законска процедура.
– Имаме отворен дијалог и претстојна јавна расправа – ги повикувам сите граѓани и активисти активно да се вклучат – рече министерот во „Топ тема”, истакнувајќи дека со досегашните разговори крајната цел е веќе постигната: УСЈЕ ќе работи под далеку построги стандарди од досегашните.