ГЕРМАНСКИ КОМПАНИИ МОЖЕ ДА ОТВОРАТ ВИСОКОПЛАТЕНИ РАБОТНИ МЕСТА Мицкоски во Бон разговараше за ИКТ-секторот, енергетиката и за здравството

Претставници на компании од германската покраина Северна Рајна-Вестфалија се сретнаа со премиерот во Бон. Се разговарало за можноста за отворање високоплатени работни места во Македонија.

7

Можностите за нови германски инвестиции и за отворање високоплатени работни места во Македонија биле главните теми на средбата на премиерот Христијан Мицкоски со претставници на компании од германската покраина Северна Рајна-Вестфалија, кои веќе се присутни на македонскиот пазар.

Мицкоски на Фејсбук објави дека на средбата биле претставени можностите за вложувања во информатичко-комуникациските технологии, обновливите извори на енергија, здравството, јавната безбедност и инфраструктурата.






„Разговаравме за можностите за нови инвестиции, проширување на економската соработка и отворање нови, високоплатени работни места во Македонија“, напиша премиерот.

Посебно внимание било посветено и на дигиталната трансформација на индустријата, како една од областите во кои Македонија може да ја прошири соработката со германските компании.

„Владата останува посветена на создавање стабилна, предвидлива и конкурентна деловна клима“, наведе Мицкоски.

Тој посочи дека целта е германските компании да ја препознаат Македонија како партнер за долгорочни инвестиции, пренос на технологии и развој на висококвалификуван кадар.

Во објавата не се наведени имињата на компаниите што учествувале на средбата, ниту конкретни инвестициски проекти или износи.

Поврзани содржини