ОТВОРАЊЕТО НА РУДНИКОТ ВО ИЛОВИЦА ЌЕ ДОНЕСЕ ВИСОКИ ПЛАТИ И ЌЕ ГО ЗАЖИВЕЕ РЕГИОНОТ Експертите се за одржливо рударство со запазени еколошки стандарди

Ако постои рудникот и работи по сите современи стандарди, тој ќе има 500 директни вработувања, а просечната нето плата би била некаде 70 до 90.000 денари, со платени придонеси, вели универзитетската професорка по геологија, Соња Лепиткова.

1

„Иловица е рудно тело коешто има исклучително поволни состави на рудата“, тврди универзитетската професорка по геологија, Соња Лепиткова, потенцирајќи го бакарот како метал. Според неа, државата може да има голем развој ако се залага за современо и одржливо рударство и нејзина улога е да побара од инвеститорот да воведе најсовремени технологии.

– Ако постои рудникот и работи по сите современи стандарди, тој ќе има 500 директни вработувања, а во тој сектор има реално највисоки плати. Таму просечната нето плата би била некаде 70 до 90.000 денари, со платени придонеси…  Тоа значи дека на тој простор потрошувачката на граѓаните би била многу поголема. Од друга страна, еден работник во рудник има еден главен и еден спореден оброк. Значи, земјоделското производство од тој регион би било во функција на исхрана на самите рудари коишто таму работат – изјави Лепиткова за ТВ Сител, нагласувајќи дека не треба за сметка на една област да стагнира друга област, односно дека ние треба да тежнееме во еден простор да можеме да ги имаме сите развојни компоненти, да имаме и туризам и земјоделие и рударство.






Таа потсети дека 78% од наплатата на концесискиот надомест ќе оди во општините во кои е концесиското поле на рудникот, а тоа се огромни финансиски средства за развој на секој сектор во тој регион и граѓаните треба да дадат шанса.

– Јас одговорно кажувам дека постоењето на рудникот Иловица, како еден од најистражените објекти, е плус за тој регион во секој развоен сектор – додаде унивезитетската професорка.

Лепиткова вели дека не се сомнева во тоа дали државата ќе има капацитети за контрола, но и ги охрабри Министерството и Владата, ако се одлучат да се отвори рудникот во Иловица, уште на самиот почеток во договорот со концесионерот да ги воспостават стандардите и контролите. Според неа, ако во нешто не се верува, тогаш постојат референтни лаборатории и во државата и надвор од државата и треба да се склучи договор со акредитирана лабораторија за да има дополнителни контролни механизми.

– Петнаесет години водење негативна кампања покажува дека ние немаме рудник. Затоа и Стратегијата којашто се донесе оваа година од страна на Владата и Министерството за енергетика, покажува дека експертите во огромен број се за постоење на одржливо рударство, рударство коешто ќе ги запази сите еколошки стандарди. Тоа што го работи Европа, тоа да го работиме и ние – изјави Лепиткова.

Универзитетската професорка забележа дека рударството учествува со 11% во индустриското производство и 2-2,5% во бруто националниот приход.

– Јас, како експерт, сметам дека ние со тоа што го имаме истражено и го имаме како потенцијал, не само во регионални туку и во европски рамки, можеме тие проценти драстично да ги зголемиме со едно одржливо рударство коешто ќе биде во функција на зачувување на животната средина. Бројката од 11% учество во индустриското производство може да се зголеми до 20% и да има учество до 5% во бруто националниот приход, со тенденција за раст. Рударството не е гранка којашто заслужува да го држи приматот „рудници на смртта“ итн., затоа што со векови и децении наназад покажано е дека рударството во просторите каде што постои нудело развој и просперитет – потенцира Лепиткова.

Зборувајќи за гладта во Европа и во светот за минерали и за метали, таа порача да ги следиме глобалните случувања со отворени очи, зашто моментот за експлоатација на бакар има глобално политичко значење.

– Кога го продадовме ФЕНИ, што беше во државна сопственост и државата реши дека веќе не може да го стопанисува и го продаде, тогаш цената на никелот беше 5.900 долари за тон. Само што се продаде, цената отиде на 13, па дури и до 18.000 долари по тон. Значи, тој што го купил ги следел глобалните случувања. Ние веќе треба да бидеме свесни дека ова треба во тим заеднички да го следиме. Сега цената на бакарот надминува 15.000 долари за тон и тоа ќе се држи одредено време, зашто гледаме дека таму се клучните инвестиции во Европа и во светот. Америка го отвора најголемиот рудник за бакар во Аризона – заклучи Лепиткова.

Според неа, Кина само ако сопре и реши да не извезува одредени елементи, тоа ќе доведе до крах за индустрии во многу земји, „за она за што сме навикнати сите да го живееме во денешно време – современи технологии, дата центри, електроника…“.

Поврзани содржини