ТУРИСТ ПРИЈАВИЛ ДЕКА МУ ИСЧЕЗНАЛО ДЕТЕТО, А ГО ЗАБОРАВИЛ ВО ХОТЕЛОТ Полицаец со еден телефонски повик ја решил драмата во Наксос

Полицијата на грчкиот остров сериозно го сфатила случајот и веднаш кренала тревога.

158

На грчкиот остров Наксос се одигра необичен инцидент кој за кратко време предизвика вистинска тревога на аеродромот. Странски турист пријавил дека неговото дете исчезнало, по што полицијата веднаш започнала потрага, стравувајќи дека малолетникот останал сам и е во опасност.

Настанот се случил околу пладне, кога видно вознемирениот татко пристигнал на аеродромот и побарал помош. Тој им рекол на полицајците дека верува оти детето можеби ја отворило вратата од автомобилот за време на возењето, излегло и се изгубило без тој да забележи.






Поради сериозноста на пријавата, службите веднаш се мобилизирале. Додека полицијата се обидувала да ја утврди точната хронологија на настаните, еден од полицајците му предложил на таткото најнапред да се јави во сместувањето каде што престојувало семејството.

Само неколку минути подоцна стигнало неочекуваното олеснување. Сопственикот на сместувањето потврдил дека детето е живо, здраво и безбедно – и дека воопшто не било изгубено, туку останало во собата кога семејството заминало кон аеродромот.

Откако било потврдено дека нема никаква опасност, тревогата била прекината, а таткото веднаш се вратил во хотелот за да го земе детето. Грчките медиуми наведуваат дека не се објавени детали за националноста на семејството ниту за возраста на детето.

Случајот брзо стана тема во грчките медиуми и на социјалните мрежи, каде што многумина го опишаа како пример за тоа колку стресот и брзањето пред лет можат да доведат до неверојатни пропусти. Истовремено, беше пофалена и брзата реакција на полицијата, која сериозно ја сфатила пријавата и веднаш постапила според протоколот.

Поврзани содржини