📽️ ЕДНА ИСКРА ЗА МАЛКУ ЌЕ ПРЕДИЗВИКАЛА КАТАСТРОФА Пожарникарите во Виничко спречија огнот да стигне до куќи и лозја

Искри од брусилица запалиле сува трева, а пожарникарите успеале да го локализираат пожарот уште во почетната фаза.

29

Една искра за малку ќе предизвикала катастрофа во Виничко. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, вечерва предупреди дека при сечење со брусилица се запалила сува трева, но благодарение на брзата интервенција на пожарникарите, огнот бил изгаснат пред да се прошири.

Ангелов преку објава на Фејсбук посочи дека инцидентот се случил вчера, кога лице со брусилица сечело делови од возило.






– Од искрите се запали околната трева. Пожарот бргу се прошири, но благодарение на брзата реакција на виничките пожарникари беше совладан уште во почетната фаза – наведе Ангелов.

Тој им упати голема благодарност на пожарникарите, но и сериозен апел до сите кои работат со алат што создава искри.

– Мајстори, бидете внимателни. Доволна е една искра за вистинска катастрофа. Овде трагедијата беше спречена благодарение на пожарникарите, но што ако огнот се проширеше низ сувата трева? Насекаде има куќи, викендици, лозја и овоштарници – предупреди директорот на ДЗС.

Тој уште еднаш ги повика граѓаните да бидат крајно внимателни при користење брусилки, апарати за заварување и друг алат што може да предизвика искри, особено во услови на високи температури и сува вегетација.

Поврзани содржини