ТУРЦИЈА ПОДГОТВУВА СТРАТЕГИЈА ЗА ЕВЕНТУАЛНА ГОЛЕМА ВОЈНА Анкара ќе гради воена база во Саудиска Арабија

Според проценките во Анкара, САД во текот на 2027 и 2028 година би можеле да го намалат непосредниот воен ангажман во регионот и поголем дел од безбедносните одговорности да им ги препуштат на регионалните партнери.

0

Турција подготвува нова одбранбена стратегија што предвидува планирање за евентуална војна од големи размери, проширување на военото присуство во странство, обединување на воените структури во Либија и можност за воспоставување турска воена база во Саудиска Арабија, објави турскиот весник „Хуриет“.

Според весникот, турското Министерство за национална одбрана ја подготвува новата стратегија со цел вооружените сили да бидат подготвени за глобалните безбедносни предизвици и да го прошират своето присуство во Африка и во Азија. Новиот пристап предвидува и развој на логистичка поддршка, линии за снабдување и договори со земјите-домаќини.






За Либија, каде Анкара одржува воени односи и со источниот и со западниот дел на земјата, се разгледува можноста за формирање обединета армија со заедничка командна структура. На средбата на претставниците на двете страни во Анкара одржана на 23 октомври се разговарало за можните решенија. Планот предвидува две фази – прво воено обединување, а потоа политичко помирување. Како една од можностите се споменува Абдул Хамид Дбеиба да остане премиер, а Калифа Хафтар да биде именуван за началник на Генералштабот.

Друг дел од новата стратегија се однесува на Договорот од Мека за заедничка одбрана, со кој се предвидува соработка меѓу Турција, Саудиска Арабија и Пакистан во наменската индустрија, воената обука, заедничкото производство на оружје, трансферот на технологии и размената на разузнавачки информации.

По назначувањето на пензионираниот пакистански генерал-потполковник Науман Махмуд за прв генерален секретар на 23 септември, во тек е формирање заедничко седиште во кое секоја од трите земји ќе има по 5 воени и дипломатски претставници.

Саудиска Арабија ѝ понудила на Турција да воспостави воена база на нејзина територија, според модел сличен на турската воена структура во Катар. Целите би биле зајакнување на капацитетите за одвраќање, обука и советодавна поддршка за саудиските војници, како и развој на заеднички одбранбени капацитети.

Според „Хуриет“, Вашингтон на таквата регионална одбранбена соработка гледа како на можен фактор за одржување на рамнотежата и стабилноста на Блискиот Исток. Според проценките во Анкара, САД во текот на 2027 и 2028 година би можеле да го намалат непосредниот воен ангажман во регионот и поголем дел од безбедносните одговорности да им ги препуштат на регионалните партнери.

 

Поврзани содржини