🎥 ТРОЈЦА МРТВИ, ЧЕТВОРИЦА ИСЧЕЗНАТИ ВО ГОЛЕМАТА ПОПЛАВА ВО ИСТАНБУЛ Поројни дождови предизвикаа катастрофа

Во текот на ноќта спасувачките екипи ги евакуираа граѓаните заробени во поплавените зградисо помош на тешка механизација и чамци.

5

Најмалку 3 луѓе загинаа во поплавите предизвикани од обилните дождови во Истанбул, Турција, додека 4 лица се водат за исчезнати, соопшти денеска канцеларијата на гувернерот на Истанбул.

Во Истанбул вчера се излеаа водотеците и беа поплавени куќи, деловни објекти и патишта, а поплавите прредизвикаа и големи проблеми во сообраќајот.






Триесет и четиригодишен маж почина во болница откако претходно паднал и ја удрил главата на тротоарот додека се обидувал да ја премине улицата.  Загина 14-годишно момче од електричен спој во водата во населбата Фатих. Телото на третата жртва е пронајдено заплеткано во греда на мост во близина на паркот Садабат, во населбата Кагитане, а идентификацијата е во тек.

Во текот на ноќта, спасувачките екипи ги евакуираа граѓаните, вклучително и работниците заробени во поплавените згради, со помош на тешка механизација и чамци.

Меѓу најтешко погодените области е населбата Кагитане, каде што реката со исто име се излеа и ја поплави историската џамија Садабат, нејзиниот двор и околните згради.

Обилните врнежи од дожд ја променија и бојата на морето по одредени делови од брегот на Босфорот, каде што водата стана кафеава поради таложење на кал од копното.

Промената беше особено видлива по брегот на Еминону, а заматената вода се прошири на подрачјето пред палатата Топкапи.


Според Центарот за координација на вонредни состојби во Истанбул (АКОМ), во населбата Бејкоз од полноќ во вторникот до 7,30 часот утрово се измерени 269,5 литри дожд на квадратен метар.

Вршителот на должноста градоначалник на Истанбул, Нури Аслан, изјави за агенцијата Анадолија дека градот се соочил со еден од најсилните бранови дожд во последните години.

Според него, на некои локации наврнале помеѓу 130 и 273,1 литри дожд на квадратен метар, а особено биле погодени подрачјето околу Босфорот и северните делови од европската страна на градот.

Обилните врнежи од дожд почнаа во вторникот, а се интензивираа вчеравечер, кога беа поплавени бројни улици и подвозници, возилата беа заробени во вода, а жителите на одредени делови од градот беа блокирани во своите домови и работни места.

📽️ ТРАГЕДИЈА ВО ИСТАНБУЛ ПО ОБИЛНИТЕ ДОЖДОВИ Дете загина од струен удар, уште едно лице го загуби животот во поплавите

Поврзани содржини