ПОЛСКА ВЕДНАШ ЌЕ ИСПРАТИ ВОЈСКА АКО РУСИЈА НАПАДНЕ БАЛТИЧКА ДРЖАВА Варшава разгледува три сценарија
Полска разгледува 3 опции и би се ангажирала воено ако НАТО се соочи со вооружена провокација, како што е руско преземање на помала позиција во Литванија, Латвија или во Естонија, пишува полски медиум врз основа на владини извори.
Откако Ен Аплбаум, сопругата на полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, изјави дека европските политичари разговараат за можна војна со Русија, проруските кругови ја обвинија за поттикнување конфликт. Сепак, според високи владини извори, полската влада и другите членки на НАТО навистина интензивно анализираат такво сценарио, не со цел да ја провоцираат Русија, туку со цел да се подготват за можен ограничен напад врз една од балтичките држави, пишува полскиот портал Онет.
Во центарот на овие дискусии е прашањето како да се реагира доколку Русија започне напад од ограничен обем. Разузнавачките проценки сугерираат дека Москва во моментов нема капацитет за целосна војна против НАТО, но Алијансата би можела да се соочи со вооружена провокација, како што е руско преземање на помала позиција во Литванија, Латвија или во Естонија.
Во таква ситуација, Полска има две основни опции. Првата е да се ограничи на хуманитарна помош, а втората е да се ангажира воено. И испраќањето војници нуди две опции: да се дејствува само по официјална одлука на НАТО или веднаш да се испрати војска, без да се чекаат сојузниците. Потегот од втората опција би создал притисок врз остатокот од Алијансата да го активира Член 5, со што би се испратила јасна порака до Русија дека ако не се повлече, ќе се соочи со војна против целиот НАТО сојуз, за што Москва не е подготвена.
Недостигот на реакција, одложениот одговор или испраќањето војници само откако самите балтички сили ќе го одбијат нападот би значело вистински крај на НАТО, тврдат изворите на Онет во полската влада.
Во тој случај, Полска би останала сама ако се најде како цел на слична провокација. Затоа, потенцијалната интервенција не е насочена само кон помагање на нападнатата земја, туку првенствено кон спречување на руски обид да ја распадне Алијансата.
Еден од двајцата соговорници од владата потврди дека Полска, во случај на руска провокација, веднаш би испратила вооружени сили за да ѝ помогне на нападнатата балтичка држава. Тој нагласи дека Варшава нема да чека формално активирање на Член 5 од Северноатлантскиот договор, туку ќе дејствува без одложување и ќе испрати војници во битка.
Вториот соговорник е малку повнимателен. Тој истакна дека воените капацитети на Полска се ограничени и дека помошта на балтичките држави ќе мора да се обезбеди на начин што нема да ги ослаби сопствените одбранбени капацитети. Поради оваа причина, Полска веројатно би испратила специјални сили, наместо потешко вооружени единици со оклопни возила.
Сепак, соговорниците се согласуваат за клучното прашање – Полска би се ангажирала воено.