📽️ ТРАГЕДИЈА ВО ИСТАНБУЛ ПО ОБИЛНИТЕ ДОЖДОВИ Дете загина од струен удар, уште едно лице го загуби животот во поплавите

Најмалку две лица, меѓу кои и 14-годишно дете, загинаа во поплавите во Истанбул. Во некои делови од градот наврнале 242 литри дожд на квадратен метар, а надлежните најавуваат продолжување на обилните врнежи.

0

Најмалку две лица, меѓу кои и едно дете, го загубиле животот во поплавите што ја погодија Турција. Обилните врнежи предизвикаа сериозни проблеми, а надлежните ги повикаа жителите да останат дома доколку немаат неодложна потреба да излегуваат.

Првата трагедија се случила во населбата Балат, во општината Фатих, каде што 14-годишниот М.И нагазил во насобрана вода во близина на паркот Чукурбостан и доживеал струен удар. Момчето било пренесено во болница во бессознание, но лекарите не успеале да го спасат. Истанбулските власти потврдија дека е отворена истрага за причините за несреќата.






Втората жртва е 34-годишно лице, идентификувано со иницијалите С.Ј., кое загинало во населбата Ајазага, во општината Саријер. Според турската новинска агенција Анадолу, лицето се обидувало да ја премине улицата Деребоју, која била поплавена од силните дождови, кога се лизнало и со главата удрило во тротоарот.

 

По падот, 34-годишното лице останало во насобраната вода и не можело самостојно да се извлече. Граѓани кои биле во близина успеале да го извлечат, по што интервенирале екипи на итната медицинска помош. Било пренесено во болницата Сејрантепе Хамидије Етфал, каде што, и покрај обидите на лекарите, починало. И за овој случај е отворена истрага.

Двете трагедии се случија во текот на невремето што предизвика сериозни поплави во најголемиот турски град. Водата носеше автомобили, поплави стотици домови и деловни објекти, а во повеќе делови од градот сообраќајот беше отежнат или целосно прекинат.

 

Според претходно објавените податоци на истанбулските власти, во средата биле регистрирани 1.277 пријави за поплавување и 47 случаи на заглавени граѓани. Во справувањето со последиците се ангажирани околу 8.000 припадници на надлежните служби и 2.000 возила и градежни машини.

 

Поради опасноста од нови поплави, денеска, 15 октомври, наставата во сите јавни и приватни училишта во Истанбул е прекината. Властите ги повикаа граѓаните да избегнуваат непотребно движење, особено во близина на подвозници, водотеци и поплавени улици.

Поврзани содржини