МЕРЦ ЌЕ БАРА УШТЕ ПАРИ ЗА УКРАИНА НА САМИТОТ НА ЕУ Замрзнатите руски милијарди остануваат во Европа

Сведоци сме на сè побрутален бран напади од страна на Русија врз Украина. И останувам цврсто убеден дека ние не го браниме само територијалниот интегритет на Украина, туку го браниме и политичкиот поредок во Европа, кој Русија во секој поглед го става под сериозен притисок, рече германскиот канцелар Фридрих Мерц.

0

Европа мора да ја зголеми својата финансиска поддршка за Украина, изјави денеска германскиот канцелар Фридрих Мерц, пред почетокот на самитот на лидерите на ЕУ во Брисел.

– Утрово на неколку помали состаноци истакнав дека мораме да направиме сè што е во наша моќ за да ѝ помогнеме на Украина да ја преброди зимата, како и следната година – изјави Мерц пред новинарите.






Исто така, додаде тој, ќе мора повторно да ги зголемиме средствата, со цел навистина да ѝ помогнеме на Украина на долгорочна основа.

Буџетот на Украина за оваа година е целосно покриен, а украинскиот министер за финансии, Серхиј Марченко, во септември за време на посетата на Брисел изјави дека на земјата ѝ недостасуваат 32,6 милијарди долари во редовниот буџет за следната година. Во исто време, недостигот во средствата за одбрана изнесува 45 милијарди долари.

Мерц ја отфрли можноста дел од руските средства замрзнати во Европската Унија да се префрлат во САД, за потоа да се користат како средство за притисок во преговорите за мир.

– Парите, вкупно околу 210 милијарди евра (235 милијарди долари), треба да останат во Европа. Тоа е наша работа и ние одлучуваме за тоа – рече Мерц.

„Фајненшел тајмс“ претходно објави дека идејата за префрлање на дел од средствата била покрената на состанок на претставници на владите на САД, Украина и на Европа, одржан во Мајами. На состанокот учествуваа и Германија, Обединетото Кралство и Франција.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на самитот на ЕУ во петок. Мерц минатата недела престојуваше во Киев.

– Сведоци сме на сè побрутален бран напади од страна на Русија врз Украина. И останувам цврсто убеден дека ние не го браниме само територијалниот интегритет на Украина, туку го браниме и политичкиот поредок во Европа, кој Русија во секој поглед го става под сериозен притисок – рече германскиот канцелар.

Поврзани содржини