ТРОЈЦА МРТВИ ОД ХАНТАВИРУС НА КРУЗЕР Епидемија на холандски туристички брод

Хантавирусот кај луѓето може да предизвика треска и тешки респираторни заболувања, инфекцијата обично се јавува преку изложеност на урина, измет или плунка од заразени глодари, а преносот од човек на човек е редок, соопшти СЗО.

1

Три лица починаа, а три други се заразени во сомнителна епидемија на хантавирус на мал крузер во Атлантикот, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

СЗО на платофрмата Икс објави дека еден пациент е на интензивна нега во Јужна Африка.

Двајца од починатите се холандски државјани, соопшти холандското Министерство за надворешни работи.

Хантавирусот кај луѓето може да предизвика треска и тешки респираторни заболувања. Инфекцијата обично се јавува преку изложеност на урина, измет или плунка од заразени глодари.

„Преносот од човек на човек е редок“, соопшти СЗО.

Еден од случаите досега е лабораториски потврден, додека преостанатите инфекции сè уште се класифицирани како сомнителни.

„Сите останати патници и членови на екипажот добиваат медицинска помош. Во тек е детална епидемиолошка истрага“, додаде СЗО.

Според извештајот на Би-Би-Си, бродот е „Hondius“, со кој управува холандската компанија „Oceanwide Expeditions“, со капацитет за 170 патници и околу 70 членови на екипаж.

Податоците за следење и информациите за патувањето укажуваат дека бродот тргнал од Ушуаја во јужна Аргентина, а последен пат бил лоциран кај Зеленортските Острови (Капо Верде), во близина на неговата дестинација.

 

Поврзани содржини