ПРИКАЗНАТА ЗА ПУКНАТА ЕПРУВЕТА Е ЛАГА! Мајката на лаборантката почината наводно од чума вели дека ја знае вистината
Таква епрувета е невозможно да се скрши, тоа не го разбираат ни сите медицински стручњаци. Не би се скршила ни ако со сета сила ја фрлите во ѕид. Тоа може да го каже само лаик – вели Светлана Шипалова.
Мајката на руската научничка, која почина откако наводно се заразила со чума, тврди дека приказната за несреќа во лабораторијата не е вистинита. Дарја Шипилова (28), техничарка во Сибирскиот истражувачки институт за борба против чумата во Иркутск, почина на 2 октомври во болница во блискиот Шелехов.
Околностите за нејзината смрт и натаму не се разјаснети. Локални функционери и провладини медиуми објавија, а потоа ги избришаа информациите, дека причината за смртта била чума. Кремљ ги отфрли тие тврдења и негираше дека се воведени какви било посебни мерки.
Светската здравствена организација (СЗО) во средата побара од Русија дополнителни објаснувања за извештаите за втор, непотврден случај на чума во Сибир, како и повеќе детали за смртта на научничката.
Светлана Шипилова, мајката на починатата научничка, која и самата е медицинска работничка, за рускиот портал „Глубина“ изјави дека не верува во верзијата на настаните што се шири во јавноста.
– Ја знам вистината. Морам да се пазам од глупави познаници кои поверуваа во сето тоа, а паметните, се разбира, не поверуваа – рече таа.
Таа ја отфрли тезата дека станувало збор за несреќа во лабораторијата.
– Таква епрувета е невозможно да се скрши, тоа не го разбираат ни сите медицински стручњаци. Не би се скршила ни ако со сета сила ја фрлите во ѕид. Тоа може да го каже само лаик. Теоретски е невозможно содржината да се истури или епруветата да пукне, бидејќи се исклучително добро заштитени – објасни таа.
На новинарите им порача:
– Едноставно, ја оставија ќерка ми да умре.

Според информациите што се појавија во локалните медиуми, Шипилова се заразила со белодробна чума откако била изложена на патогенот при несреќа во лабораторијата. Иако функционерите тоа официјално не го потврдије, новинарот од Иркутск Павел Степанов е еден од оние кои тврдат дека научничката „го сокрила тоа што се случило“, откако наводно скршила епрувета.
И пријателите на починатата се сомневаат во приказната за скршената епрувета. За локалниот портал „Луѓе од Бајкал“, кој руските власти го прогласија за „странски агент“, тие изјавиле дека Шипилова била исклучително одговорна.
– Ја оцрнија, а притоа ни не утврдија што навистина се случило – рекол нејзин поранешен соученик.
– Не можам оваа приказна да ја поврзам со Даша каква што ја познавав. Звучи како да зборуваат за некоја друга личност. Беше исклучително вредна и одговорна, па ова за мене нема никаква смисла – додал друг пријател.
– Даша беше исклучително паметна. Ретки од нашиот отсек добиваат работа во тој институт. Тоа е сериозна установа, таму сè се сфаќа сериозно и процедурите се безбедни – рекол познаник од факултетот.
Русија се соочува со сè поголем меѓународен притисок транспарентно да ги објави сите информации за смртта на лабораториската работничка. Руската санитарна инспекција, „Роспотребнадзор“, официјално тврди дека Шипилова починала од „воспаление на белите дробови со непозната етиологија“, додека шефот на регионот Бурјатија изјавил дека причината за смртта сепак била чума. Властите во околните градови ги предупредиле жителите да не патуваат во Шелехов.
Во јавноста се појавија и фотографии со прашалници за „чума“ кои пациентите мора да ги пополнуваат при доаѓањето во породилиштето во Иркутск.
Загриженоста се одразува и на интернет. Според податоците на рускиот портал „Верстка“, пребарувањата за поимот „чума“ на „Гугл“ се зголемиле за 50 пати во однос на минатиот месец. Побарувачката за респиратори во онлајн продавниците „Озон“ и „Вајлдберис“ се удвоила за една недела, а е забележан и пораст на пребарувањата за костими на „доктор на чума“ во пресрет на Ноќта на вештерките.