ЌЕРКАТА НА ХАЛИ БЕРИ ЗАСТАНА ВО ОДБРАНА НА МАЈКА СИ „Може да биде строга, но никогаш не била насилна“
Нахла Обри (18) застана во одбрана на мајка си во судскиот спор со Оливие Мартинез, кој ја обвинува актерката дека физички го нападнала нивниот 13-годишен син Мачео. Таа тврди дека никогаш не видела Хали Бери да биде насилна кон брат ѝ.
Ќерката на Хали Бери, 18-годишната Нахла Обри, застана во одбрана на својата мајка откако нејзиниот поранешен сопруг Оливие Мартинез ја обвини актерката дека физички го нападнала нивниот 13-годишен син Мачео. Нахла во судска изјава тврди дека никогаш не видела мајка ѝ да биде насилна кон брат ѝ.
Нахла, која Хали Бери ја има со поранешниот партнер Габриел Обри, поднела изјава до Врховниот суд во Лос Анџелес на 3 октомври. Таа напишала дека никогаш не забележала ништо насилно или навредливо во начинот на кој мајка ѝ ги воспитува децата.
– Мајка ми е грижлив и посветен родител. Може да биде строга кога е потребно и очекува од своите деца да ги почитуваат правилата и другите луѓе. Во исто време, таа е топла, поддржувачка и длабоко вклучена во нашите животи – навела Нахла.
Таа категорично ги отфрли тврдењата дека Бери го повредила Мачео.
– Никогаш не сум ја видела мајка ми да му удри шлаканицира, да го дави, да го фаќа или физички да го малтретира Мачео на кој било начин – напиша 18-годишната девојка. Таа додава дека никогаш не видела мајка ѝ да му стави раце околу вратот, да го дави или да му го ограничува дишењето.
Нахла вели дека со Мачео живеела поголем дел од неговиот живот и дека добро го познава нивниот однос. Според неа, мајка ѝ отсекогаш била присутна во животот на својот син – одела на неговите натпревари, го возела на тренинзи и турнири и се грижела за неговото образование, медицинските потреби и терапијата.
Таа открила и дека Бери по разделбата со Мартинез се трудела да ги усогласи распоредите на децата за братот и сестрата да можат што повеќе време да поминуваат заедно.
Нахла се осврнала и на моментите кога мајка ѝ и Мачео си играле поенергично. Вели дека многупати ги гледала како се „борат“ низ шега, се скокоткаат и се тркалаат смеејќи се по подот или креветот. Според неа, никогаш не видела Мачео да биде повреден или вознемирен по таквата игра.
– Никогаш не сум се сомневала во љубовта на мајка ми кон мене. Таа постојано ми обезбедуваше стабилност, поддршка, насоки и безусловна љубов – напиша Нахла.
Таа открила дека била „шокирана, многу тажна и многу вознемирена“ кога дознала за обвинувањата на Мартинез против нејзината мајка. За својот помлад брат напишала дека е „духовит, паметен и полн со карактер“ и дека е скршена поради ситуацијата во која се нашол.
Нахла последен пат разговарала со Мачео на 29 септември, само неколку дена по наводниот инцидент. Таа тврди дека тогаш разговарале додека мајка им го возела момчето на училиште и дека Мачео звучел среќно поради нејзиното заминување на колеџ и не ѝ оставил впечаток дека е вознемирен.
Случајот започна откако Оливие Мартинез побарал целосно старателство над нивниот 13-годишен син, обвинувајќи ја Бери дека физички го нападнала момчето во инцидент на 26 септември. Мартинез тврди дека актерката го фатила синот за врат и го давела за време на расправија која започнала додека Мачео играл видео-игра со виртуелна реалност. Тој изнел и други тврдења за наводно несоодветно однесување во минатото.
Бери ги отфрла обвинувањата. Нејзиниот адвокат ги нарече тврдењата неосновани, а самата актерка во својата судска изјава нагласила дека никогаш физички, емоционално или на друг начин не го малтретирала својот син.
Судот засега му го додели примарното старателство на Мартинез, а на Бери ѝ го ограничил времето со синот на судски определени средби. Следното рочиште е закажано за 16 октомври, кога би можело повторно да се разгледа договорот за старателство.
Нахла, која неодамна се преселила во Масачусетс за да студира на колеџ, вели дека сака да разговара со својот брат и да провери како е, но дека засега не го контактира бидејќи не е сигурна што ѝ е дозволено според судските мерки.
Хали Бери и Оливие Мартинез се венчаа во 2013 година, а се разделија три години подоцна. Нивниот развод беше финализиран во 2023 година, по долгогодишна правна битка околу старателството над Мачео.