СТРАНЦИТЕ НИ ВЕЛАТ, ЗА СИЛНИ ГАРАНЦИИ ВИ ТРЕБА КОНСЕНЗУС Бугарија може да посегне по ново вето

Високи европски претставници во разговори со македонски функционери посочиле дека е оправдано земјата да бара механизми што ќе спречат нови билатерални блокади. Според заменик-шефот на македонската дипломатија, токму таквите гаранции би можеле да отворат простор за евентуално решение околу уставните измени. Истовремено, тој предупредува дека Македонија не смее да влезе во какви било уставни измени додека Софија посегнува по ново вето за потпишаните протоколи.

0

Неколку високи претставници од Европа посочиле дека е разумно нашата држава да бара дополнителни гаранции во контекст на нашето евроинтегрирање, вели заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски во интервју за МИА. Димитровски потенцира дека со изградба на национален политички консензус позициите на државата ќе бидат посилни надвор.

Тој очекува опозицијата да ја увиди својата грешка со прифаќање на францускиот предлог и оти со посилна позиција дома и нашите позиции надвор ќе бидат посилни.






– Во разговори со амбасадори, во разговори со претставници од ЕУ, со луѓе што се упатени во условите овде, затоа што не секаде ги знаат домашните услови во Македонија, постојано ни се потенцира дека нашиот клучен проблем е што ние немаме единствен став во врска со прашањето за уставните измени и постојано ја посочуваат опозицијата, која едноставно смета поинаку – дека со усвојување на уставните измени нам ќе ни бидат ширум отворени портите на Европа. Така што, тоа останува клучно прашање, кое нам ни прави проблеми во Европа. И за тоа апелираме постојано, но гледаме дека од другата страна не сакаат да го прифатат тоа. Веројатно, одработувајќи, или да си ги спасат своите кариери на некој начин во таа партија или можеби во некое полудо сценарио – за некакви интереси на Софија, во што не би сакал да верувам.

Димитровски вели дека не верува дека сите во раководството на СДСМ размислуваат исто и дека таа партија некогаш била и државотворна, но вели дека сепак ќе биде тешко да се постигне ваков национален консензус.

Во однос на можни нови блокади од Софија, заменик-министеорт истканува дека претходната власт не требало да го прифати т.н. француски предлог поради што Софија сега ќе го користи правото на вето за сите прашања од преговарачката рамка. Тој потенцира дека историските и идентитетските прашања не требаше да бидат дел од преговарачката рамка.

Тој посочува дека се потребни механизми со цел билатералните блокади да не бидат пречка во преговорите.

– Доколку се создаде механизам во Европската комисија, а мислам дека тоа се намерите и на германската и на француската страна, да се создаде механизам да не бидат можни блокади за билатералните прашања, кои, пред сѐ, се од идентитетски, историски карактер, нешто што нема врска со Копенхашките критериуми. Ако се создаде, а охрабрувањето оди во оваа насока, ако се создаде таков механизам, тоа навистина ќе ни помогне да ги отвориме и да ги затвораме натаму поглавјата, нам да ни даде некакво охрабрување да влеземе во авантурата на уставни измени затоа што јасно е дека не можеме да го смениме Уставот ако од другата страна се соочуваме со вето – потенцира Димитровски.

За акцискиот план за малцинства, што Бугарија го блокира, вели дека тој фактички е дел од преговарачкиот пакет и факт е дека тој треба да почне да се применува по уставните измени, но дека таму се предвидени антидискриминациски мерки.

– Тоа е документ што е составен со европски експерти, со експерти на Советот на Европа, сугерирани од Европската комисија, и ние го работевме навистина долго време. Го заокруживме тој документ и треба да ѝ го предадеме на Европската комисија. Консултирани беа сите претставници на етничките заедници во Македонија, помалите, значи Албанците се надвор од ова затоа што се над 20 отсто, меѓу кои и претставници на здруженијата на Бугарите. И што добивме од другата страна? Едноставно, блокада, односно противење: „Не сакаме да разговараме“. Значи, таму немате конкретни забелешки. Конкретните забелешки, некои од тие конкретни забелешки што ги имаше во нивните први писма ги имплементиравме, така што тие немаат забелешки на самиот документ, туку имаат забелешки на тоа што Македонија не ги донела уставните измени и нема што ние сега да разговараме за вакви документи. Значи, имате една бланко-блокада, која не придонесува натаму за унапредување на нашите добрососедски односи затоа што сметаме дека тој акциски план за малцинствата во голема мера ќе ги подобри, фактички, меѓу другото, и правата на оние што се чувствуваат како Бугари во Македонија – посочува Димитровски.

Поврзани содржини