СКОПЈЕ ДОБИВА 3.300 КОНТЕЈНЕРИ ЗА ДВОЈНО ПОНИСКА ЦЕНА „Комунална“ и ЈСП заштедиле вкупно милион евра за гориво
Новите садови за отпад треба да почнат да се поставуваат за 7 до 10 дена, а Ѓорѓиевски признава дека сегашната механизација не е доволна за навремено чистење на градот.
Скопје добива 3.300 нови контејнери, а следни на листата за пристигнување се камионите за смет и автобусите за јавниот превоз. Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски најави дека поставувањето на контејнерите низ градот треба да почне во следните 7 до 10 дена.
Ѓорѓиевски во гостување на 4ТВ тврди дека новите контејнери се набавени по двојно пониска цена во споредба со претходните набавки. Истовремено, и ЈП „Комунална хигиена“ и ЈСП Скопје, според неговите податоци, заштедиле по околу половина милион евра за гориво.
Најгорлив останува проблемот со механизацијата на „Комунална хигиена“. На терен во моментов функционираат околу 50 камиони, додека претходно имало околу 70.
Ѓорѓиевски им се извини на скопјани за доцнењето при собирањето на отпадот и призна дека постојната механизација не е доволна за целосно и навремено опслужување на градот.
Решението, според неговите најави, треба да биде набавката на нови камиони. Нивното пристигнување се очекува по одлука на Владата и итна седница на Советот на Град Скопје.
Промени се најавуваат и во ЈСП. На скопските улици во моментов сообраќаат повеќе од 200 автобуси, што според Ѓорѓиевски е за околу 50 повеќе од претходниот период.
Сепак, станува збор претежно за автобуси набавени пред 10 до 15 години. Дел од нив повторно биле ставени во функција, а Ѓорѓиевски тврди дека со промените во работењето ЈСП за само 6 месеци заштедило околу половина милион евра за гориво.
Тендерската постапка за набавка на нови автобуси е завршена, со што треба да почне обновувањето на дотраениот возен парк.