ПОЛИЦИЈАТА РАСЧИСТУВА ГОЛЕМ СКАНДАЛ ВО МВР, НАЧАЛНИЦИ ПОД ЛУПА Злоупотребени милионски тендери за сервисирање на полициските возила

Постоеле сериозни сомнежи дека во процесот на сервисирање се правеле злоупотреби, при што службените возила останувале неисправни со месеци, а потоа, иако формално биле враќани како поправени, повторно завршувале на сервис.

7,655

Во тек е обемна полициска акција на Бирото за јавна безбедност и претреси во канцеларии на началници и вработени во повеќе организациски единици на Министерството за внатрешни работи.

Според информации на Плусинфо од извори во МВР, акцијата е дел од истрага за наводни злоупотреби поврзани со тендерските постапки за сервисирање на службените возила на полицијата.






Истовремено, претреси биле извршени и во неколку економски оператори, меѓу кои и добро познати автосервиси, кои со години наназад ги одржувале полициските возила.

Според сознанијата на полицијата, постоеле сериозни сомнежи дека во процесот на сервисирање се правеле злоупотреби, при што службените возила останувале неисправни со месеци, а потоа, иако формално биле враќани како поправени, повторно завршувале на сервис.

Дополнително, истрагата дошла до информации дека економските оператори, во соработка со поединци од редовите на МВР, се договарале како да добијат нови тендери во милионски вредности.

Со денешната акција, според истите извори, првпат во историјата на јавните набавки во Македонија е спречен обид за потпишување на нов штетен договор, со што се заштитени буџетските средства на граѓаните.

– Во тек се интензивни мерки и активности поврзани со работењето на Одделот за општи и заеднички работи во МВР. Нема да има толеранција за злоупотреби, без разлика на тоа кој е вклучен. Законот ќе важи подеднакво за сите – велат за Плусинфо од Бирото за јавна безбедност.

Оваа акција е само дел од пошироките мерки за пресекување на криминалните практики, кои МВР интензивно ги реализира во изминатите шест месеци.

Поврзани содржини