СЕКОЈ ПЕТТИ КИЛОГРАМ ГРОЗЈЕ ОДИ ЗА ИЗВОЗ Над 54 милиони килограми веќе се во домашните винарии и на странските пазари

Над 10,5 милиони килограми винско и трпезно грозје се пласирани надвор од земјава, додека домашните винарии досега презеле и преработиле повеќе од 43,5 милиони килограми.

0

Речиси секој петти килограм грозје набран досега во Македонија завршува на странските пазари. Од над 54 милиони килограми откупени од лозјата, повеќе од 10,5 милиони килограми винско и трпезно грозје веќе се извезени.

Во домашните винарии, пак, досега се набрани, преземени и преработени над 43,5 милиони килограми. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски при посетата на откупните места во Кавадарци изјави дека откупот продолжува непречено и дека пунктовите работат.






Според податоците што ги соопшти, 14 винарии на 19 откупни места досега откупиле и преработиле над 35 милиони килограми грозје. Од нив, околу 15 милиони килограми се црвени сорти, меѓу кои доминира вранецот, а повеќе од 20 милиони се бели сорти.

Дополнителни 7 милиони килограми винариите набрале од сопствените лозови насади. Од нив 3,1 милиони килограми се црвено, а 3,9 милиони бело грозје. Семејните винарии откупиле и преработиле уште 1,5 милиони килограми.

Серафимовски ги отфрли тврдењата дека има поширок проблем со откупот или дека е запрено преземањето на вранецот. Според него, од изолирани случаи се создава погрешна слика за состојбата на откупните места.

– Лозарите немаат никаква корист од политичкиот натпревар во кој од изолирани случаи се конструира слика дека откупот се одвива отежнато или дека е запрено преземањето на вранецот – изјави Серафимовски.

Државниот инспекторат за земјоделство секојдневно врши контроли на 19-те откупни места. Се проверуваат мерењето и класификацијата на грозјето, документацијата, евиденцијата и почитувањето на условите за откуп.

Министерот ги повика лозарите секој конкретен проблем да го пријават до Министерството или Инспекторатот и најави постапување за секоја утврдена неправилност.

Серафимовски ја обвини Левица дека со селективни објави создава паника околу откупот, а кон СДСМ упати критики за состојбите во секторот во периодот кога партијата била на власт. Министерството очекува динамиката на откупот дополнително да се засили во следните денови од бербата.

Поврзани содржини