СЕ УРНА АМЕРИКАНСКИ БОМБАРДЕР Б-52 ВО БАЗА ВО КАЛИФОРИЈА Загинаа 8 луѓе

Авионот се урнал веднаш по полетувањето од воздухопловната база Едвардс и се запалил.

0
Осум луѓе загинаа, вклучувајќи двајца вработени во Боинг, кога бомбардер Б-52 на американските воздухопловни сили се урна кратко по полетувањето од воздухопловната база Едвардс во Јужна Калифорнија.

Несреќата се случи во понеделник во 11:20 часот по локално време, додека екипажот извршуваше рутинска задача. По падот на авионот, огромен облак од црн чад можеше да се види на километри од местото на падот.

– Денеска воздухопловната база Едвардс доживеа ужасна трагедија и загубивме 8 одлични Американци. Роднините на жртвите ќе бидат известени и нивните имиња ќе бидат објавени 24 часа по тоа – изјави полковникот Џејмс Хејс.

Тој ги опиша жртвите како „мешан екипаж од воен персонал, владини претставници и изведувачи“. Според Хејс, несреќата „целосно се случила“ во воздухопловната база Едвардс, на пистата. Б-52 бил дел од програмата за модернизација на радарот на базата. Се урнал веднаш по полетувањето и се запалил.

– По прегледувањето на првите снимки е оценето дека спасувањето не е можно и дека несреќата никој не ја преживел – објасни тој.

Досега, причината за падот не е утврдена. Истрагата може да трае и до 30 дена, а понатамошната анализа на причината за несреќата може да потрае повеќе од 6 месеци, додаде Хејс.
Авиокомпанијата Боинг потврди дека двајца вработени загинале во несреќата.

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, ја нарече несреќата „трагичен настан“ и им упати сочувство на семејствата на жртвите и на воздухопловната база Едвардс.

Базата објави дека авионите се пренасочени и дека сите дозволи за некомерцијална посета се суспендирани.

Американската војска го користи Боинг Б-52 Stratofortes од 1950-тите. Неговиот прекар е „Баф“, што е кратенка за „Голем, грд, дебел“.

Б-52 е бомбардер со долг дострел кој беше користен за време на американско-израелското бомбардирање на Иран. Може да лета на надморска височина од 15 километри, што е повисоко од патничките авиони. Авионот може да носи товар од 32 тони, што може да вклучува стотици бомби и 32 нуклеарни крстосувачки ракети.

Авионот може да се наполни со гориво и во лет, што му дава неограничен дострел за извршување напади. Има екипаж од 5 члена.

Благодарение на овој авион, Америка имаше „нуклеарен чадор“ за време на Студената војна.

Базата Едвардс се наоѓа околу 100 милји северно од Лос Анџелес во пустината Мохаве.

Поврзани содржини