Се реконструира трансформаторската станица „Скопје 4“

Вредноста на проектот изнесува 4,9 милиони евра, финансирани со заем од ЕБОР, а изведувач на работите е компанијата „Кончар КЕТ“ од Хрватска и домашниот подизведувач „Тимел Проект”.

288

Подобрена доверливост и квалитет на напојувањето со електрична енергија и зголемена флексибилност во управувањето, а истовремено и намалување на ризиците од испади и дефекти и сведување на минимум на трошоците за одржување и експлоатација со постројката ќе се постигне со реконструкцијата на трансформаторската станица „Скопје 4“ што ја врши АД МЕПСО.

Ова го изјави денеска генералната директорка на АД МЕПСО Ева Шуклева која заедно со вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска  идиректорот на канцеларијата на Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) Анди Аранитаси беа во трафостаницата.

 






Со реконструкцијата, како што рече Шуклева, ќе се замени стара и дотраена опрема која е во функција околу 45 години со нова, современа високонапонска опрема.

Вредноста на проектот изнесува 4,9 милиони евра, финансирани со заем од ЕБОР, а изведувач на работите е компанијата „Кончар КЕТ“ од Хрватска и домашниот подизведувач „Тимел Проект”.

– Реконструкцијата опфаќа замена на сите разделувачи, потпорни изолатори и мерни трансформатори во трафо и мерни полиња на 400 киловолтно напонско ниво, замена на сите прекинувачи со нови темели и носачи, разделувачи и мерни трансформатори на 110 киловолтно напонско ниво, набавка на системи за далечински надзор и управување(SCADA), како и системи за релејна заштита. Реализацијата на проектот се одвива според утврдената динамка на работа. Договорот е започнат на почетокот на 2019 година со план на реализација од 30 месеци – рече Шуклева.

Реконструкцијата, додаде, ќе му помогне на македонскиот електро-енергетски систем за задоволување на идни технички барања на европскиот ENTSO-E систем (European network of transmission system
operators for electricity) преку подобрување на контролата и параметрите на системот.

Директорот на Канцеларијата на ЕБОР Аранитаси посочи дека реконструкцијата на ТС „Скопје 4“, значаен енергетски инфраструктурен објект за стабилно снабдување на главниот град, е дел од 25-милионскиот прект финансиран од ЕБОР со кој ќе се реконструираат пет трафостаници и седум 110-киловолтни далекуводи низ целата држава.

– Овој проект е потврда за нашата посветеност кон земјава и регионот – рече Аранитаси.

Поврзани содржини