САМО ЕДНА ОД 800 ЗГРАДИ ВО КАРПОШ ГИ ИСПОЛНУВА СИТЕ ПРОПИСИ Два ноќни клуба се ставаат над законот, обвинува Јакимовски
Морам да кажам дека два ноќни клуба не соработуваат со инспекторите. Тоа се клубовите „Пјур“ и „Мош“. Значи и покрај тоа што одбиваат соработка, ние ќе ја тераме постапката до крај и како што бара законот односно отстранување на нивните објекти - нагласи градоначалникот Јакимовски.
Само една од 800 згради во општина Карпош ги исполнува сите законски прописи за безбедност, соопшти денеска градоначалникот на општина Карпош, по досегашната контрола на станбените објекти во општина Карпош.
– По проверките на станбените објекти, рестораните, кафулиња, диско клубовите, ноќните клубови, одѕивот беше многу голем. До сега се отповикале 330 влезови од згради. Општина Карпош има 820 згради и 1.500 влезови. Значи, до сега одговориле 330 и уште 250 се јавиле на нашите телефони за дополнителни инструкции. Од контролата што е направена од нашите инспекциски служби, само една зграда е исправна, како што викаат по ПС (правила на службата). Тоа е зградата на Адора, која има 41 противпожарен апарат. Во 18 станови исто така има ПП апарати. Има повеќе апарати со ЦО2 за гасење пожар од електрична инсталација. Има уште еден специјален систем за гасење пожар, панични светла и сѐ што треба по ПС. Значи само една зграда во Карпош е таква каква што треба, како што бара законот. За жал не можеме истото да го кажеме за другите згради – рече Јакимовски.
Градоначалникот соопшти дека информациите што ги добиваат службите во општината ги праќаат до Дирекцијата за заштита и спасување, но дека оттаму нема никаков повратен одговор.
Јакимовски информира дека е напишана 21 казна на локали кои воопшто не отпочнале постапка за обновување на дозвола, една казна е напишана за неисполнување на еколошки стандарди, а два ноќни клуба одбивале соработка со инспекторите.
– Проверени се 110 објекти. Кај 90 сѐ е во ред, на 18 соодветните елаборати им се во постапка на изработка, еден е во тек на реновирање, и на еден му е пишана казна затоа што и претходно бил опоменуван и не постапил согласно напатствијата на инспекторот за екологија. Правните лица секаде имаат ПП апарати, хидранти итн… со правните лица имаме најмалку проблем. Што се однесува до кафеаните, кафулињата, ноќните клубови, дискотеките, состојбата е следна: од 115 проверени сите имаат ПП апарати, во 60 летните тераси се во ред, пишана е 21 казна бидејќи воопшто не ја отпочнале постапката за обновување на дозволата и остатокот се во постапка за добивање согласност во Град Скопје – рече Јакимовски.
Тој вели дека со новиот Закон за локална самоуправа треба да се прекине со двојството во издавањето дозволи.
– Значи на територија на општина Карпош ако издаваме одобренија за градби, треба да издаваме и одобренија за овие тераси. Зошто ни се летни тераси? Ни се случува двојство. Често пати граѓаните не се согласуваат со дадената дозвола за тоа место, а тоа често пати се прави и без консултација со локалната самоуправа. Морам да кажам дека два ноќни клуба не соработуваат со инспекторите. Тоа се клубовите „Пјур“ и „Мош“. Не соработуваат. Дури за едниот клуб, колегата има поведено постапка како дивоградба пред неколку месеци и кога го посетил, сопственикот го прашал зошто доаѓа. Вика, затоа што законот така бара… Тој му одговорил дека и тој бил закон! Јас одговорно тврдам дека овие сопственици на ноќни клубови се сива еминенција во средините каде што живеат и си дозволуваат малку повеќе од тоа што треба. Значи и покрај тоа што одбиваат соработка, ние ќе ја тераме постапката до крај и како што бара законот односно отстранување на нивните објекти – нагласи градоначалникот Јакимовски.