УЧЕНИЦИТЕ ОД „КИРО ГЛИГОРОВ“ СЕ ВРАЌААТ НА НАСТАВА Со доградбата се обезбедeни 8 нови училници
Дел од учениците сега следат онлајн настава поради доградбата. Министерката за образование вели дека училиштето обезбедило уште 8 училници и дека организацијата е работа на директорката.
Учениците од основното училиште „Киро Глигоров“ во скопски Центар кои сега следат онлајн настава следната недела треба да се вратат во училниците. Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека се обезбедени уште 8 училници. Таа ги отфрли критиките дека доградбата доцна почнала и влезе во жестока расправа со опозицијата.
Прашањето го отвори пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска. Таа побара одговор кога децата ќе почнат со физичко присуство и зошто доградбата не се изведувала во текот на летото.
Јаневска одговори дека дел од децата привремено учат онлајн за да се обезбедат подобри услови во училиштето.
– Ако не градевме, ќе ме прашате зошто децата ви учат во две смени. Кога градиме, велите зошто градите. За една недела сите ќе учат со физичко присуство – рече Јаневска.
Министерката ја прошири расправата и на состојбите во образованието. Според неа, поголем проблем се слабите резултати на учениците и начинот на кој го совладуваат материјалот. Како приоритет ги посочи резултатите од ПИСА и подобрувањето на начинот на кој наставниците го пренесуваат знаењето.
8 нови училници
Јаневска рече дека организацијата на наставата не ја прави Министерството, туку директорката на училиштето.
Таа од собраниската говорница пренесе и порака од директорката. Според информацијата што ја прочита, училиштето обезбедило уште осум училници од 14 септември.
– Јас во училиштето не ја организирам наставата. Си има директор, си има општина. Јас соработувам со сите, во корист на децата – рече Јаневска.
Според прочитаната порака, четврто и петто одделение треба да почнат со физичко присуство. За шесто и деветто одделение беше наведено дека ќе продолжат со досегашната организација.
Проектот заглавил во процедурата
Пратеничката Лукаревска од опози ијата ја критикуваше власта и поради тоа што доградбата не почнала порано, во текот на летниот распуст.
Јаневска одговори со конкретни датуми. Според неа, проектот бил предаден во архивата на 18 мај, но околу еден месец не бил внесен во системот. Барањето било внесено на 3 јуни, а одобрението било издадено на 28 јули.
Со тоа министерката го образложи доцнењето на работите. Таа нагласи дека Министерството има коректна соработка со Општина Центар.
„Тргнете ги рацете од образованието“
Расправата потоа доби политички тон. Јаневска ја обвини опозицијата дека случајот го користи за партиски поени.
– Еве ве молам, тргнете ги рацете од образованието и од здравството, суштински се за младите – рече министерката.
Таа порача дека партиите треба да се обединат барем околу образованието и здравството. За останатите политички прашања, рече таа, можат да се расправаат.
Јаневска ја критикуваше и претходната влада на СДСМ. Таа рече дека „Киро Глигоров“ било единственото ново училиште изградено во нивниот седумгодишен мандат. Според неа, при изградбата не било добро предвидено зголемувањето на бројот на ученици во Центар.
Ниту еден наставник без работа
Министерката се осврна и на намалувањето на бројот на ученици и на паралелки. Таа тврдеше дека, и покрај промените, ниту еден наставник не останал без работа.
Празните образовни објекти, според неа, може да добијат друга намена кога тоа ќе го побара локалната самоуправа. Како пример наведе општина предводена од градоначалник од СДСМ, која побарала училиште и ученички дом да се пренаменат во старски дом.
Јаневска рече дека Владата го прифатила барањето. Таа нагласи дека локалните власти одлучуваат што ќе прават со празните објекти под нивна надлежност.