ПЕНЗИОНЕРИТЕ БАРААТ ЛИНЕАРНОТО ЗГОЛЕМУВАЊЕ ДА СТАНЕ ЗАКОНСКО Тие велат дека трошоците за живот исто растат за сите

Иницијативниот одбор на пензионери за линеарно зголемување на пензиите на денешната средба со министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски ќе бараат законски да се регулира линеарното зголемување на пензиите.

11

Пензионерите бараат линеарно, а не процентуално зголемување на пензијата за да се обезбеди еднаквост на сите пензионери. Иницијативниот одбор на пензионери за линеарно зголемување на пензиите на денешната средба со министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски ќе бараат законски да се регулира линеарното зголемување на пензиите. Процентот, велат, може да се одредува во согласност со трошоците на живот, но сумата треба рамномерно да се распореди.

Тие велат дека оние што имале повисоко образование, повеќе стаж, извршувале посложени работни задачи, уште на самиот почеток имаaт пресметана повисока основица на пензија и со тоа поголема пензија. Тука, нагласуваат, сите разлики треба да престанат затоа што по одењето во пензија, никој не придонесува ништо, а трошоците за живот се зголемуваат исто за сите.






– Главните параметри за формирање пензија, како работен стаж, школска спрема, работно место, сето тоа е опфатено и вградено во решението за соодветната пензија. Врз основа на овие критериуми има пониски, средни и повисоки пензии. Или за оние што реагираат – јас учев или јас имам долго работено, јас повеќе одвојував – појаснуваме дека сето тоа е вградено во решението за пензија и тука завршува сè околу разликите. Но, после одење во пензија, никој пензионер не одвојува и не вложува ништо, скршен денар не вложува во фондот, понатаму сите пензионери сме еднакви – вели Кирил Јосифовски претседател на иницијативниот одбор на пензионерите од Охрид и Дебрца, кој, како што рече го покрива југозападниот дел на Македонија.

Затоа, поради овие аргументи, како што велат од Иницијативниот одбор, линеарното зголемување, треба да остане правно мерило и тоа ќе го бараат на денешната средба со министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.

– Сега на средбата со министерот ќе инсистираме тоа прашање да се уреди со закон бидејќи Владата има мнозинство да го донесе. Очекуваме и бараме до наредното мартовско зголемување ова прашање  законски да се уреди и натамошното делење на пензиите да биде линеарно – рече Јосифовски.

Трајчо Митев од Штип, претседател на иницијативниот одбор од овој град, потенцира дека на средбата со министерот ќе бараат законското решение да се најде пред Парламентот и пратениците да одлучат какво ќе биде покачувањето линеарно или процентуално.

Трајче Станојков од Свети Николе вели дека не се против процентуалното усогласување на пензиите, но, оти масата пари од буџетот да биде распределена еднакво на сите пензионери.

– Не може 3% да му се даде на оној кој има 90.000 пензија, и да го наградиме со 3.000 денари, а да го казниме оној кој  едвај дојде до 18.000 или 20.000 пензија и само за 600 денари да му се усогласи со животниот трошок. Какво е тоа усогласување за некого 600 за некого 3000 денари – рече Станојков.

Тој побара и претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија Станка Трајковска да си даде неотповиклива оставка, бидејќи, како што рече, од почеток е против линеарното покачување, нешто за што се залагаат најголем дел од пензионерите.

По две години во кои сите пензионери добиваа ист износ на покачување, од овој месец повторно се враќа старата формула – пензиите ќе растат процентуално, според движењето на платите и трошоците за живот.

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна најави дека септемвриското усогласување ќе се спроведе согласно законскиот механизам, а конечниот процент сè уште се пресметува.

Пензиите во Македонија законски се усогласуваат двапати годишно – на 1 март и на 1 септември. Во пресметката еднакво се земаат предвид растот на просечно исплатената плата и растот на трошоците за живот. Оттука, за разлика од линеарниот модел, при кој секој пензионер добива ист износ, процентуалното усогласување значи дека повисоките пензии добиваат и поголемо зголемување во денари.

Септемвриското усогласување ќе се однесува на пензиите за септември, кои пензионерите ќе ги добијат во октомври.

Поврзани содржини