САД ДА УПРАВУВААТ СО УКРАИНСКИТЕ ЕЛЕКТРОЦЕНТРАЛИ Тоа е безбедносната гаранција на Трамп за Зеленски
САД би можеле да бидат многу корисни во управувањето со овие постројки со своето искуство во електроенергијата и комунални услуги, истакнуваат во заедничка изјава американскиот државен секретар и советникот за национална безбедност на САД.
мериканскиот претседател Доналд Трамп му предложи на украинскиот претседател Володимир Зеленски, САД да управуваат со украинските електроцентрали како гаранција за нивната безбедност, се наведува во заедничката изјава на американскиот државен секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност на Белата куќа Мајк Волц.
„САД би можеле да бидат многу корисни во управувањето со овие постројки со своето искуство во електроенергијата и комунални услуги“, истакнуваат Рубио и Валц.
Едночасовниот телефонски разговор и Трамп и Зеленски го оценија како добар.
„Голем дел од разговорот се темелеше на вчерашниот телефонски разговор со претседателот Путин со цел да се усогласат и Русија и Украина во однос на нивните барања и потреби. Ние сме на многу добар пат“, објави Трамп на платформата „Трут соушл“.
Додека Зеленски му се заблагодари на Трамп за состанокот на украинските и американските тимови на 11 март во Џеда, што „значително помогнал во напредокот кон завршување на војната“.
„Се согласивме дека Украина и САД треба да продолжат да работат заедно за да се постигне вистински крај на војната и траен мир. Ние веруваме дека заедно со Америка, со претседателот Трамп и под американско водство, може да се постигне траен мир оваа година“, наведува Зеленски.
Тој посочи и дека украинскиот и американскиот тим се подготвени следните денови да се сретнат во Саудиска Арабија за решавање на техничките прашања поврзани со спроведувањето и проширувањето на делумниот прекин на огнот.
„На понатамошните состаноци, тимовите може да се договорат за сите неопходни аспекти на напредокот кон траен мир и безбедносни гаранции“, наведе Зеленски.