РЕКОРДИ НА МАКЕДОНСКИТЕ АЕРОДРОМИ Над 460.000 патници за само еден месец
Министерот за транспорт Александар Николоски објави дека двата македонски меѓународни аеродроми во јули опслужиле повеќе од 460.000 патници и реализирале илјадници летови.
Политиките за привлекување нови авиокомпании и отворање нови авиолинии веќе даваат резултати, а македонските аеродроми бележат значителен раст во бројот на патници и реализирани летови, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Во гостувањето во емисијата „Вести плус“ на Канал 5, Николоски посочи дека субвенционирањето и привлекувањето нови авиопревозници придонесуваат за зголемување на авиосообраќајот, што, според него, има позитивно влијание врз туризмот, бизнисот и економијата.
– Почнавме една доста паметна политика на субвенционирање и привлекување нови авиолинии и нови компании кои ќе оперираат од Македонија. Од друга страна, тука е и силната поддршка за туризмот. Денеска излегоа две исклучително важни бројки – рече Николоски.
Тој информираше дека Охридскиот аеродром во еден месец опслужил 52.500 патници, што, според него, претставува раст од 41 отсто во однос на истиот период минатата година.
– Дополнително, на 20 јули се реализирани повеќе од 20 летови во еден ден, што е апсолутен рекорд за овој аеродром – додаде министерот.
Според Николоски, и Меѓународниот аеродром Скопје бележи високи резултати.
– Во Скопје, само во јули се опслужени 409.000 патници и реализирани се 2.670 летови. На 20 јули беа реализирани 101 лет во текот на еден ден, што е нов апсолутен рекорд за Скопскиот аеродром – изјави тој.
Министерот очекува трендот да продолжи и Македонија во иднина да достигне четири милиони патници годишно.
– Ако продолжиме со ова темпо, многу брзо ќе достигнеме бројка од четири милиони патници годишно, нешто што до пред неколку години беше незамисливо за Македонија – рече Николоски.
Тој додаде дека зголемениот број патници значи повеќе туристи, деловни посетители и поголема потрошувачка во земјата.
– Ова се реални бројки на луѓе кои доаѓаат во земјата, престојуваат, трошат средства за туризам и бизнис, а ефектите директно се чувствуваат преку раздвижувањето на целокупната економија – изјави Николоски.