ГОТОВ Е НАЈТЕШКИОТ ДЕЛ ОД АВТОПАТОТ ДО ОХРИД Делницата со мостови и тунели ќе биде пуштена наскоро
Министерот за транспорт Александар Николоски најави дека најтешката делница со тунели, мостови и вијадукти ќе биде пуштена во следните месеци, а целосниот автопат треба да биде завршен до мај следната година.
Најтешката делница од автопатот Кичево–Охрид, во должина од околу 10 километри, треба да биде пуштена во употреба во следните месеци, додека целосното завршување на целиот автопат е планирано за мај следната година, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Во гостувањето во емисијата „Вести плус“ на Канал 5 телевизија, Николоски посочи дека најголем дел од капацитетите на Министерството за транспорт во моментов се насочени кон овој проект поради бројните проблеми со кои бил наследен.
– Очекувам во следните месеци да биде пуштена најтешката делница од 10 километри, каде што има галерии, мостови, вијадукти и каде што е тунелот кој ќе биде најдолг во државата. Едната цевка е долга 2 километри, а другата 2 километри и 100 метри. Очекувам оваа делница да биде пуштена во следните месеци и со тоа постепено да се комплетира автопатот Охрид–Кичево – изјави Николоски.
Тој оцени дека автопатот Кичево–Охрид останува најголемиот предизвик за Министерството за транспорт.
– Околу 80 проценти од времето и енергијата ги трошиме на Охрид–Кичево, а 20 проценти на сите останати проекти. Го наследивме со толку многу проблеми што бара секојдневен ангажман, но сега веќе се гледаат резултатите – рече Николоски.
Министерот се осврна и на капиталните инвестиции во инфраструктурата, посочувајќи дека градежништвото и транспортот се меѓу главните двигатели на економскиот раст.
– Во моментот само во општините имаме проекти финансирани од Владата со повеќе од 1.200 активни градилишта. Ако на тоа се додадат шест автопати кои паралелно се градат во државата, што никогаш во историјата не се случило, како и интензивната работа на железничкиот Коридор 8, подготовките за Коридорот 10 и инвестициите во аеродромите, тогаш имаме заокружена слика на силни капитални инвестиции кои придонесуваат за економскиот раст – изјави Николоски.
Во однос на изградбата на железничкиот Коридор 8 и поврзувањето со Бугарија, тој информираше дека на неодамнешниот меѓуресорски состанок во Софија било потпишано заедничко писмо до Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за финансирање на заедничкиот тунел.
Според Николоски, со ова се надминува проблемот со претходниот тендер.
– Само што беше избрана оваа Влада во јуни 2024 година, наидовме на отворена тендерска постапка за третата фаза од железничкото поврзување со Бугарија, во која дел беше и тунел до половина. Тоа ќе беше првпат во историјата да се тендерира тунел до половина, затоа што тунелот е цевка која оди низ планината – од едната страна се влегува, од другата се излегува – рече министерот.
Тој најави дека кон крајот на август во Скопје ќе се одржи нов состанок, а наскоро се очекува и распишување нов тендер за избор на изведувач за третата фаза.
За стратешкиот проект поддржан од Велика Британија, Николоски информираше дека студиите треба да бидат завршени до 31 август, по што ќе следи законската процедура, а почетокот на градежните активности се очекува во првите месеци од 2027 година.