РАБОТНИЦИ НЕМА, СЕ БАРААТ СТУДЕНТИ И ПЕНЗИОНЕРИ Новиот закон носи решение, велат од Владата

Министерството најавува измени ако се појават проблеми во примената, додека угостителите алармираат за сериозен недостиг од работна сила.

461

Зголемен интерес за Законот за работно ангажирање бележи Министерство за економија и труд, кое во изминатиот период организира информативни средби низ државата со цел да ги запознае граѓаните и компаниите со придобивките од новото законско решение.

Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески вели дека интересот на терен е значителен, особено кај секторите кои се директно опфатени.

– Интересот на инфо-средбите е многу голем. Целта ни е да ги анимираме и информираме сите од опфатените дејности – земјоделството, угостителството и услужните дејности. Понатаму, Државниот трудов инспекторат треба да започне со спроведување на Законот на терен – изјави Ристески.

Според него, во Агенција за вработување веќе се склучени десетици договори, при што најголем дел се од угостителскиот сектор. Сепак, посочува дека бројот на апликации сè уште не е доволен, но очекува зголемување по завршувањето на информативните средби.

– Има повеќе десетици апликации, што е сè уште малку. Но преку средбите ги поттикнуваме заинтересираните да се информираат и да аплицираат. Законот е дел од реформите поврзани со Европската Унија и има за цел сузбивање на сивата економија. Доколку се утврдат непрактични решенија, ќе ги евидентираме и ќе направиме измени – додава Ристески.

Најголем интерес, како што истакнува, има во угостителството, каде во моментов се чувствува сериозен недостиг од работна сила.

Во Прилеп, според проценките, недостигаат околу 30 проценти работници во угостителскиот сектор, најмногу поради заминувањето на сезонците во странство, особено во Хрватска.

Претседателот на здружението на угостители „меанџии“ од Прилеп, Јорданчо Момироски, вели дека состојбата е сериозна и дека најмногу недостигаат келнери, шанкери и готвачи.

– Се чувствува недостигот од кадар. Недостигаат келнери, шанкери, готвачи и пица-мајстори. Ќе ја искористиме можноста што ја дава Законот за работно ангажирање и ги очекуваме средношколците и студентите по завршување на учебната година. За стручен кадар ќе бараме и меѓу невработените и пензионираните лица – вели Момироски.

Во Прилеп функционираат околу 90 угостителски објекти со над 800 вработени.

Законот за работно ангажирање, кој започна да се применува од 1 јануари, овозможува сезонско пријавување на лица во угостителството, земјоделството и услужните дејности. Со него се опфатени млади, невработени, пензионери и лица од социјално ранливи категории, кои ќе можат да работат и дополнително да заработуваат без да ги изгубат постојните права и бенефиции.

Поврзани содржини