ПУТИН ПРЕДЛОЖИ ЕДНОДНЕВЕН ПРЕКИН НА ОГНОТ ЗА 9. МАЈ Киев бара примирје од 30 дена

Трамп изрази надеж дека решението за војната меѓу Русија и Украина ќе дојде релативно брзо, додавајќи дека самиот тој му предложил на Путин краткотрајно примирје.

33

Рускиот претседател Владимир Путин предложи прекин на огнот во Украина за време на прославите на Денот на победата на 9 мај за време на деведесетминутниот телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп. Одговорот на Киев дојде брзо, објави „Украинска правда“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од своите претставници да ги разјаснат деталите од предлогот на Путин за прекин на огнот, а за возврат предложи долгорочен прекин на непријателствата.

„Им наложив на нашите претставници да стапат во контакт со тимот на претседателот на Соединетите Американски Држави и да ги разјаснат деталите од рускиот предлог за краткорочен прекин на огнот“, објави Зеленски на социјалните мрежи.

Украина се стреми кон мир и вложува потребни дипломатски напори за вистински да се стави крај на војната. „Ќе разјасниме за што точно станува збор, дали станува збор само за неколку часа обезбедување за парадата во Москва или за нешто повеќе“, истакна Зеленски.

„Нашиот предлог е долгорочен прекин на огнот, сигурна и загарантирана безбедност за народот и траен мир. Украина е подготвена да работи на ова во кој било достоинствен и ефикасен формат“, додаде украинскиот претседател.

Јуриј Ушаков, еден од клучните советници на Путин, вчера објави дека Путин иницирал телефонски повик со Доналд Трамп и му рекол дека е подготвен да прогласи прекин на огнот на 9 мај. Трамп подоцна во Овалната соба истакна дека двајцата лидери не разговарале веќе некое време и се запраша дали рускиот претседател веќе го објавил тоа.

Американскиот претседател откри детали по разговорот, велејќи дека дискусијата била многу добра. Трамп изрази надеж дека решението за војната меѓу Русија и Украина ќе дојде релативно брзо, додавајќи дека самиот тој му предложил на Путин краткотрајно примирје.

Остра реакција на руската идеја дојде и од украинскиот министер за надворешни работи. „Зошто не сега? Зошто да чекаме до 8 мај?“, напиша Андриј Сибиха на социјалната мрежа X.

„Ако Русија навистина сака мир, мора веднаш да прекине со огнот. Украина е подготвена да поддржи целосно примирје и ја повикува Русија веднаш да го прогласи за 30 дена, а не само заради парада“, рече Сибиха.

Поврзани содржини