ПУСТЕЦ ДА СТАНЕ ПОСЕБНА ОПШТИНА Македонците во Албанија бараат таа да се преименува во Општина Преспа

Македонска алијанса за европска интеграција децидно бара општина Пустец да остане посебна единица на локалната самоуправа и во рамките на новата реформа да не претрпи никакви територијални измени, односно да не се спојува со други административни единици.

0

Партијата на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), поднесе официјално барање до Специјалната парламентарна комисија за административно-територијална реформа при Собранието на Република Албанија општина Пустец да остане посебна единица на локалната самоуправа.

Со овој документ, потпишан од претседателот на партијата Васил Стерјовски, како што самиот вели, јасно се дефинираат црвените линии и клучните барања на македонското национално малцинство во пресрет на најавените територијални измени.






МАЕИ децидно бара општина Пустец да остане посебна единица на локалната самоуправа и во рамките на новата реформа да не претрпи никакви територијални измени, односно да не се спојува со други административни единици.

– Ова барање партијата го темели на Уставот на Албанија, меѓународните обврски (Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за локална самоуправа), како и на членот 16 од албанскиот Закон за заштита на националните малцинства донесен 2017 година, се наведува во барањето.

Се посочува дека во споменатиот закон стои дека е „Забрането преземање мерки кои го менуваат составот на населението во единиците на локалната самоуправа каде што живеат лица кои припаѓаат на националните малцинства, со цел ограничување на правата и слободите предвидени со овој закон.“

Општина Пустец е единствената локална единица во Албанија каде што македонското малцинство го сочинува повеќето од населението, поради што нејзиното зачувување е од клучно значење за опстанокот и заштитата на идентитетот.

Второто клучно барање на МАЕИ е општина Пустец да се преименува во Општина Преспа. Овој предлог се заснова на фактот дека Пустец е само едно од деветте села во општината, додека името „Преспа“ поцелосно го претставува историскиот, географскиот, културниот и природниот идентитет на целата област.

Се додава дека терминот „Преспа“ традиционално се користи од локалното население, ужива меѓународно признание, а воедно целиот административен дел се поклопува со Националниот парк „Преспа“ и се нагласува дека преименувањето дополнително би помогнало во промоцијата на регионот како туристичка и еколошка зона со посебни вредности.

„Земајќи го предвид значењето на зачувувањето на идентитетот, претставувањето и правата на македонското национално малцинство во Албанија, бараме овие препораки сериозно да бидат земени предвид при изработката на предлозите за административно-територијалната реформа“, се наведува во официјалниот допис потпишан од Васил Стерјовски лидер на МАЕИ.

Поврзани содржини