ЗА 120 ДЕНА КОЗЛЕ ЌЕ ДОБИЕ НОВА ГРАДИНКА „Пролет 2“ ќе прими 130 деца
Заменик-градоначалникот на општина Карпош Неделчо Крстевски изјави дека вкупната инвестиција во изградба на градинката „Пролет 2“ во Козле е 138 милиони денари или над 2,2 милиони евра.
Почна изградба на нова градинка „Пролет 2“ во населба Козле во општина Карпош, инвестиција на Владата преку Министерството за социјална политика, демографија и млади.
На поставувањето камен-темелник присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски кој истакна дека со изградбата на објектот ќе бидат обезбедени современи услови за децата, а тоа е, рече, „наш врвен приоритет во Општина Карпош“.
– Секој еден ваков почеток претставува голем успех, во смисла на тоа дека ќе обезбедиме подобри услови за живот, во тие моменти кои ќе ги поминуваат нашите најмлади, дечињата, во овој објект. Ќе учат, ќе другаруваат, што за нас претставува врвен приоритет и оваа Влада и во иднина ќе продолжи на тој начин да се однесува, да реализира вакви проекти. Бидејќи само на овој начин можеме да обезбедиме пристојни услови за развој на нашите најмлади, но истовремено и родителите коишто ќе ги остават своите дечиња во овој новоизграден објект ќе се чувствуваат сигурни дека децата се згрижени, дека ја добиваат негата којашто им е потребна и, се разбира, тука ќе се образуваат и ќе другаруваат – изјави Мицкоски, додавајќи дека „ако биде сè како што треба би требало да се изгради во рекордно време“.
Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани изјави дека изградбата на градинката е доказ дека инвестирањето во децата е инвестиција во иднината на нашата држава.
– Приоритет на Министерството е секое дете да има пристап до квалитетна предучилишна грижа, безбедна средина и еднакви можности за развој. Владата континуирано инвестира во проширување на капацитетите за згрижување на децата бидејќи наша цел е да ги намалиме листите на чекање и да создадеме современи услови во кои децата ќе растат, ќе учат и ќе ги развиваат своите потенцијали – изјави министерот Лимани.
Дел од градинките кои се во фаза на изградба по општините ќе бидат отворени до крајот на оваа или следната година и со нив ќе бидат обезбедени 3.500 нови места.
– Продолжуваме со поддршка на општините бидејќи силната заштита на децата и поддршката на семејствата се од суштинско значење за демографскиот развој и за подобра иднина – рече Лимани.
Заменик-градоначалникот на општина Карпош Неделчо Крстевски изјави дека вкупната инвестиција во изградба на градинката „Пролет 2“ во Козле е 138 милиони денари или над 2,2 милиони евра.
– Се работи за објект од 1.150 квадратни метри и градежна парцела од околу 2.000 метри квадратни, која децата ќе ја користат за разни активности. Ќе има седум занимални, а капацитетот ќе биде за 130 деца. Рокот за изградба е 120 дена, но се надеваме дека некаде пред зимата новата градинка веќе ќе може да ги прими децата и да влезат во комплетно нови и модерни услови – изјави в.д. градоначалникот Крстевски.