ПРОЕКТОТ НА „ВЕНЦИ“ ЗА „ПУЛС“ Е НЕЗАВЕРЕН ВО ОПШТИНА И НЕ МОЖЕЛ ДА СЛУЖИ ЗА ЛИЦЕНЦА Сведочеше вештак ангажиран од обвинетата проектантка
Техничкиот советник Јорго Османли истакна дека документот изготвен 2012 година од обвинетата Едровска и насловен како „Основен проект“ претставува само делумна и непотполна проектна документација, не е ревидиран, ниту е испратен на анализа во Општина Кочани и нема никаква улога во добивањето решенија и лиценци.
Со сослушување вешто лице предложено од одбраната на обвинетата Милка Едровска, инженерка од фирмата „Венци Проект“, обвинета дека документацијата што ја издала на првообвинетиот Дејан Јованов тој ја користел за добивање решенија и лиценци, денеска во судницата во Идризово продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Техничкиот советник Јорго Османли, кој го изготвил вештиот наод и мислење на барање на Едровска, пред Судот истакна дека документот изготвен 2012 година од обвинетата Едровска преку „Венци проект“ и насловен како „Основен проект“ претставува само делумна и непотполна проектна документација која ги нема сите фази предвидени со Законот за градење.
– Ниту е ревидиран од овластен ревидент, ниту е испратен на анализа во Општина Кочани и нема никаква улога во добивањето решенија и лиценци. Единствено е само хартија. Овој документ со сигурност не може да ги потврди сите градежно-технички услови за користење на објектот како дискотека, бидејќи не е поврзан со Законот за угостителство – изјави вештакот Османли.
Според неговиот исказ, внатрешното уредување и организација на објектот биле извршени пред изработката на предметниот документ од Милка Едровска.
– Немало никаква промена во фактичката состојбата во објектот и на сообраќајниот режим пред него. Согласно увидот во списите, реновирањето на објектот е во 2024 година, што значи и во 2023 сè било исто како и во 2012 година. Повторно, ако еден проект не е ревидиран и однесен во општина нема никаква правна важност, според мене. Јас сум инжинер – изјави вештакот.
Прашан дали со овие документи Милка Едровска му помогнала на инвеститорот Дејан Јованов да добие лиценца за работа, вештакот рече „не гледам начин на кој Едровска би му помогнала на инвеститорот да добие лиценца со неважечки документ“.
– Согласноста од СВР Штип е пристигната во Министерството за економија на 17.12.2012 година, а лиценцата е издадена на 13.12.2012 година. Лиценцата е издадена 4 дена порано од изработката на документот. Од тоа можеме да заклучиме дека лиценцата не е издадена врз основа на тие документи – изјави вештото лице.
На прашања од Обвинителството вештакот потврди дека документот насловен како „Основен проект“ со трите елаборати е потпишан од обвинетата Милка Едровска и дека во неговата содржина никаде не стои дека се работи за делумен проект без сите потребни фази.
Одговарајќи на прашање од адвокатката на првообвинетиот Јованов, Ивана Коцевска, тој потврди дека за потребите на вештачењето не извршил увид на лице место.
Коцевска наведе приговор на целото вештачење и побара од Судот да не го прифати како релевантен за утврдување на фактичката состојба за оваа постапка.
Откако Судот го отфрли нејзиното барање, Коцевска, како што рече, поради неусогласеност на вештачењата поради побара да бидат повикувани на соочување сите вешти лица или да се изработи супервештачење.
Судијката Дијана Груевска-Илиевска најави дека за следното рочиште странките кои имаат вештаци треба да ги обезбедат за соочување или да обезбедат писмено мислење од нив за аспектите во кои вештите наоди и мислења се контрадикторни.
Обвинетиот Зоран Николовски, службеник во Министерството за економија, како приговор на исказот на овој вештак, а во врска со издавањето на лиценцата, реле дека согласноста од МВР во Министерството за економија е пристигната два пати.
– Во однос на согласноста од МВР пристигната во Министерството за економија на 17.12.2012 година, тоа е по вторпат, и тоа по мое барање до Пазарна и до ДПИ. Во предметот имаше согласност од МВР пристигната на 29.11.2012 година – изјави Николовски, кој работел на предметот за издавање лиценца за дискотеката „Пулс“.
Во пожарот загинаа 63 луѓе, а 222 беа повредени.