ПРЕСУШИЈА БУНАРИТЕ ВО ИСТОЧНА ХРВАТСКА, НАТОВАРЕНИ БРОДОВИ СО ДЕНОВИ СТОЈАТ ВО ДУНАВ Нивото на реката е на историски минимум, нема дожд на повидок
Конвои бродови натоварени со стока се заглавени пред каналот Мохово спроти градот Илок, бидејќи водата е премногу плитка за безбедно да се продолжи пловењето.
Поради екстремната суша во источна Хрватска, бунарите се празни, а нивото на водата на Дунав во Батина падна на историски минимум од минус 140 сантиметри. Мештаните останаа без вода за наводнување на своите градини, додека домаќинствата се снабдуваат од водоводот Барања, објави ХТВ.
Ѓуро Молнар, локален жител на Батина, вели дека сè уште има малку вода во неговиот бунар бидејќи при копање е пронајден извор.
– Имам 40 до 50 сантиметри вода бидејќи при копање наидовме на планински извор. Мојот бунар е под влијание на нивото на водата на Дунав. Како што се крева Дунав, така се крева и водата во бунарот – објасни тој.
Сепак, оваа година, нискиот Дунав доведе до целосно сушење на блиска река Карашица.
– Карашица никогаш не била толку сува, отсекогаш течела. Сега ја нема, нема вода – рече Молнар.
Другите мештани велат дека не можат да се сетат на таква суша.
– Никогаш во животот не сме имале таква суша и толку плитка вода – рече еден жител.
Градоначалничката на општина Драж, Валентина Авдичевиќ, истакна дека поради ниското ниво на водата на Дунав, бунарите што се хранат од површинските слоеви се исушија.
– Сепак, сè уште имаме бунари во населбата што се полни со вода – рече таа.
Жителите на Батина велат дека водата од бунарите е клучна за нивните градини.
Историски ниското ниво на водата на Дунав запре некои од крстосувачките бродови и товарните бродови во близина на Илок. Конвои натоварени со стока се заглавени пред каналот Мохово спроти градот, бидејќи водата е премногу плитка за безбедно да се продолжи со пловењето.
Австриски и унгарски товарни бродови полни со јаглен, згура и друга стока се закотвени во близина на Шаренград. Мештаните велат дека чекаат таму неколку дена.
Степенот до кој Дунав се повлекол е јасно видлив во последните денови во близина на Илок. Се појавија големи песочни наслаги, а на некои места делови од речното дно штрчат од водата во средината на речното корито.
Бидејќи метеоролошките и хидролошките прогнози не најавуваат значителни врнежи на краток рок, не се очекува значително зголемување на нивото на водата.