Исправена земја

Oсобено се илустративни последниве неколку години со радикалните (како најблаг израз!) потези со катастрофалните билатерални договори во меѓународната сфера и домашната политика на форсирана корупција и криминализација на сите структури, коишто ја клекнаа државата и нејзините недопирливи историски столбови. Такво изнудено разградување не може да одржи на нозе ни посилна држава!

37

Секој јавен збор обврзува, а јавните зборови на највисоките државни претставници обврзуваат најсилно. Зашто веќе утре некој ќе се повика на нив и нивното (не)исполнување. Не верувам дека некој има нешто сериозно да забележи на празничните пораки на премиерот и обврските што тој ги постави пред себе и политиките што ги претставува. Освен можеби оние неколкумина платени за мајтапење, ама на тие ѕвончињата на капите одамна силно им ѕвечат покажувајќи им го нивото.

Но една „порака“ остана во ехото на празникот: идните генерации „Да кажат дека тоа била генерацијата која повторно ја исправила земјата“! Тоа е мисла што тешко и се изговорува, не пак човек да се заветува на такво нешто. Зашто таа влегува „во сила“ со мигот на јавното изрекување и веќе утредента започнува преиспитувањето.






Иако тука веќе на стартот се појавува најголемиот проблем: што е тоа „исправена земја“? Зарем не се бори Македонија со таа „дилема“ повеќе од три децении, зарем нема секој од нас своја „идеја“ за исправена земја и како сите тие гледања ќе се слеат во едно единство? И зарем сега не е исправена туку е – клекната, падната, легната… искривена? И иако сите, барем во груби црти, знаеме што е тоа исправена земја и каква и колку е искривена денес Македонија, повторно ли некои ќе глумат недоветни и пак ли ќе се бијат битки за различни реалности, со докажување чија е порозова или поцрна? Зашто ние изгубивме триесет и пет години докажувајќи го едното и/или другото! Ќе почнуваме ли отпочеток?

Не верувам дека некој – дури ни оние со ѕвончињата – можат сериозно да ги девалвираат елаборираните „елементи“ на таа потенцијална исправена земја. Впрочем, барем ние повозрасните, сме ги живееле во некое друго време коешто само требаше да се надградува, а не разградува.

Ние денес можеме да филозофираме за различни концепти за прогресот на земјата од онаа 1992 година до денес, но тоа тешко дека ќе нѐ одведе до целта. Речиси буквално државата „се развива(ше)“ слепо, или со едно отворено око, додека второто гледа(ше) во некои други цели: лични, партиски, „идеолошки“… Имаше структури кои влечеа назад, величајќи ги најлошите страни на социјализмот – оние соцреалистичките – и туркајќи ја земјата во ретроградни идеолошки рамки. Соцреалистичките стеги ни ги претставуваа како наша варијанта на либерализам и либерална демократија, парадоксално олеснувајќи си го патот кон триумфалното поставување себеси над сите други.

Спротивната „струја“ подеднакво немаше точна претстава што е тоа држава во современи услови и кои атрибути (треба да) ја „красат“; романтизмот и традиционализмот – коишто оние првите сакаа(т) да го претстават како потценувачки национализам! – не нудеа излез од лавиринтот во којшто на почетокот се најде државата. Фразата „независна Македонија“ е цел, а за процесот никој не говореше.

А во двата случаи неукоста, неискуството, неспособноста…, често и простотилакот и провинцијализмот заедно со предимензионираното его, не дозволуваа отворен дијалог со историјата, современоста, науката, праксата… итн. Сето тоа ден за ден, година за година ја разградуваше државата, ја развлекуваше по секакви козји патеки и беспаќа на закоравениот „експертски“ ум на поединци, сѐ до ова денес: искривена (или клекната, како сакате) држава. Зашто искривена држава е онаа без стабилни, потпорни вредности и цврст темел од таканаречени „црвени линии“. Кај нас за сѐ, дури и за највиталните прашања од националното опстојување, функционалноста и иднината на државата постојат барем три, а некогаш и повеќе, „концепти“ во постојана битка меѓусебе. А со цикличните промени на власта се менува и „концептот“ што го збунува не само граѓанинот туку и државната администрација. Тоа е тип на нефункционална држава во којашто ни соседите и меѓународната заедница немаат доверба.

Во таа насока, особено се илустративни последниве неколку години со радикалните (како најблаг израз!) потези со катастрофалните билатерални договори во меѓународната сфера и домашната политика на форсирана корупција и криминализација на сите структури, коишто ја клекнаа државата и нејзините недопирливи историски столбови. Такво изнудено разградување не може да одржи на нозе ни посилна држава!

А за тоа разградување има цела редица виновници, со познато име и презиме. Некои веќе не се меѓунас, на други им застареле злосторствата, но оние најсвежите, но и најголемите, се уште тука. Што ќе прави посакуваната исправена држава со нив? Ќе си игра „прочка“, широкоградо ќе им ги заборави гревовите и криминалите, лагите и превртливоста…? Тоа е еден од најважните аспекти на „исправувањето“ на земјата. Тоа ќе покаже дека идејата била чиста, дека нема недопирливи, неказниви, луѓе над законот. Еден таков пропуст и заветот веќе се накривил, едно „помилување“ односно затворање на очите и земјата – повторно клекнала!

Затоа и велам: таквите завети се тешки, меч со две острици од коишто се губи главата!

Вон од религискиот контекст, за моралната филозофија (од Кант и Хегел наваму) простувањата на такви злосторства се одамна несвојствени. Дури невозможни бидејќи простувањето не може да го врати, поништи направеното. Особено во политички случаи и тешки дела против државата и Уставот. А ние говориме за такви! Христијанскиот морал – вртење на другиот образ, милост и др. – во такви случаи е неприменлив, дури погрешен. (Во тој контекст, Ниче го смета Христијанството за „религија на слабоста“).

Кај нас, за случаите коишто се познати во јавноста, нештата во однос на докажувањето на злосторствата против граѓаните/државата се „чисти“ зашто се документирани и јавни. Таму нема потреба од докажување и тоа нема врска со некаква одмазда (теза којашто подмолно се подметнува)! И за такви дела не може да има простување, особено кога и легитимните прописи го класифицираат делото.

Впрочем, светот (како што потенцираат и Хусерл и Хајдегер) е заеднички, државата не е хоризонт на индивидуални или партиски експерименти туку припаѓа на сите граѓани. Во тој интерсубјективен хоризонт некои си дозволиле да се однесуваат како газди, како единствени господари на судбините на другите драстично менувајќи ги – или уривајќи ги – заедничките столбови на опстанокот. Ако таа политичка „акција“ (во смисла на поделбата кај Арент) ги загрозува другите, кое е решението? Простување? Зашто јас овде не говорам за интерпретативни наративи, за вообичаен политички судир на гледишта или политички говор без видливи последици. Напротив: овде станува збор за ефективна акција и краен резултат на штета на мозинството во општеството! Згора на тоа, таа „акција“ произведе нови конфликти и жестоки поделби во државата, со реперкусии и на надворешнополитички план. Нивната политикантска „акција“ ја „задолжува“ државата со „неотповикливост“ за „неопределен период“ во којшто „не се дозволени никакви измени“ (sic) и себенегирање односно неповратна идентитетска, културна и историска штета!

Македонското општество/држава останаа заробени во некои рецидиви на соцреалистичката субјективност, ароганција, безобразие…, дрско и безобѕирно наметнувајќи „решенија за сите“ дури и за најсуштински прашања од животот на граѓанинот. Тоа е недозволиво однесување во една „исправена“ демократска држава. И тоа граѓанинот јасно и гласно веќе го (по)кажа. А оние кои се заветуваат за „исправена“ држава тоа мора да го спроведат во дело!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини