Задоцнив, но ја исполнив желбата на мојот татко
Некои аплаузи се слушаат во салата и завршуваат за неколку минути. А еден аплауз човек го бара цел живот. Аплаузот на својот татко.
Во мојата досегашна професионална, научна и политичка кариера сум напишал можеби и повеќе од илјада колумни. Најголемиот дел од нив биле посветени на политиката, на општествените состојби, на државата и институциите, на нашите успеси и порази. Сум пишувал анализи, полемики, стручни текстови, сум критикувал, предупредувал, предлагал.
Но, ова не е таква колумна. Ова е приказна за еден татко и еден син. За една хармоника. За една реченица на која некогаш не ѝ придавав големо значење, а која подоцна, со години, ми одѕвонуваше во мислите. И за една желба што ја исполнив предоцна за радоста да можам да ја споделам со човекот кому најмногу му ја должам.
Можеби оваа приказна ќе останеше засекогаш длабоко во мене ако деновиве, додека повторно интензивно живеам со мојата прва љубов, хармониката, не му ја раскажев на мојот пријател Ненад Стефановиќ Сента од Ниш, директор во гимназијата во тој град и голем музичар. Откако ме ислуша, ми рече дека морам да ја напишам и да ја споделам со луѓето.
Долго размислував. Некои нешта човек сака да ги зачува само за себе. Но, потоа сфатив дека ова, всушност, не е само моја приказна. Ова е приказна на многу синови и ќерки кои веруваат дека секогаш ќе имаат уште малку време да им кажат нешто на своите родители. Уште една година. Уште една средба. Уште една можност. Уште една прегратка. А времето, за жал, никого не чека. Мојот татко Милан Кекеновски почина во 2016 година.
Тој беше човекот кој прв ми ја всади љубовта кон хармониката. Човекот поради кого музиката стана дел од мене и никогаш повеќе целосно не ме напушти, дури ни тогаш кога речиси три децении не свирев.
Но, татко ми истовремено беше човек кој цврсто стоеше на земја. Целиот свој работен век го помина во Општинскиот суд 1, а покрај работата свиреше и хармоника. Ја сакаше музиката, но добро знаеше дека животот не се гради само врз талентот и аплаузите. Затоа постојано ми велеше: „Свири колку сакаш, ама Правен факултет мора да завршиш.“
Го послушав.
Иако во тоа време професионално се занимавав со музика, го завршив Правниот факултет. Потоа продолжив со магистерски, па со докторски студии. По многу години работа, стигнав до звањето редовен професор, а имав можност да бидам ангажиран и како визитинг професор на универзитети надвор од државата.
Знам дека беше горд. Знам дека се радуваше на секој мој успех. Но, знам и дека нешто постојано го копкаше. Од време на време, со онаа татковска искреност која понекогаш знае да заболи повеќе од секоја друга критика, ќе ми речеше: „Многу си тврдоглав. Да ме слушаше мене, ќе освоеше прво место во Сокобања, а немаше трипати да бидеш втор и трипати трет.“
Јас тогаш речиси и не обрнував внимание. Ќе се насмевнев. Ќе одмавнев со раката. Млад човек мисли дека пред него има бескрајно време. И, можеби уште полошо, често мисли дека веќе знае сè.
Не знаев дека токму таа негова реченица, која тогаш ја примав речиси како обична забелешка, еден ден ќе ми одѕвонува во главата многу посилно од сите признанија и аплаузи што сум ги добил во животот.
Поминаа години. Татко ми замина од овој свет. Животот ме однесе по други патишта. Наука, универзитет, политика, јавни настапи, книги, колумни, предавања… А хармониката остана настрана речиси 27 години. Но, некои љубови човек никогаш вистински не ги напушта. Само ги остава некаде длабоко во себе да го чекаат.
И кога, по речиси три децении, повторно ја зедов хармониката в раце, се случи нешто што тешко можам да го објаснам. Колку повеќе вежбав, толку повеќе ми се враќаше гласот на татко ми: „Да ме слушаше мене…“ На почетокот тоа беше само спомен. Потоа стана прашање. А со текот на времето стана немир.
Дали навистина бил во право?
Дали навистина сум бил толку тврдоглав што не сум ги слушал неговите совети, уверен дека веќе нема што повеќе да ми каже?Дали можев повеќе?
И најболното прашање од сите: Може ли човек да ја исполни желбата на својот татко, кога таткото веќе го нема?
Во тој период професорот по хармоника Зоран Ракиќ, откако ме слушна како свирам по толку години пауза, ми помогна, ме насочи и ме охрабри повторно да се натпреварувам, овојпат на светско ниво, во Франција. Со негова помош се пријавив. И победив. Во категоријата 60+ освоив прво место во светот и во онлајн и во натпреварот во живо.
По толку години. По речиси три децении оддалеченост од инструментот. Светско прво место. Луѓето ми честитаа. Се радував. Бев горд. Секако дека бев. Но некаде длабоко во мене имаше една празнина. Еден човек недостасуваше.
По враќањето од Франција, со брат ми Благој отидовме на гробот на нашите родители. Да им запалиме свеќа. Да постоиме малку во тишина. И да им кажеме нешто што повеќе не можевме да им го кажеме гледајќи ги во очи.
Стоев таму и во себе му зборував на татко ми: „Тато, не освоив прво место во Сокобања тогаш кога ти сакаше. Но, синот твој стана светски првак.“
Сакав да верувам дека некаде ме слуша. Сакав да верувам дека се насмевнал. Но, чудно, ниту тогаш не почувствував дека приказната е завршена. Како да недостигаше уште нешто.
Како некаде од височините повторно да го слушав: „Добро е, синко… ама Сокобања е Сокобања.“
А животот понекогаш знае да направи круг токму таму каде што најмалку очекуваме. Во меѓувреме, минатата година снимав ново ЦД за продукцијата ПГП РТС од Белград. А потоа повторно се вратив во Сокобања, на местото каде што како млад човек се натпреварував, каде што други ме оценуваа, каде што трипати бев втор и трипати трет.
И токму таму следуваше нешто што не можев ни да го сонувам пред толку години. Добив покана во 2026 година да бидам член на жирито на 63-тата по ред манифистација „Прва хармоника Сокобања 2026“, легендарниот и традиционален натпревар кој со децении собира врвни хармоникаши.
Местото каде што некогаш стоев како млад натпреварувач, заедно со моите родители и со брат ми Благој, со трепет чекајќи ја оценката на жирито, сега стана место од кое јас требаше да ги оценувам новите генерации. И животот ми приреди уште една необична средба со минатото.
Во жирито седев со Миша Мијатовиќ, човекот со кого уште во 1980 година се натпреварувавме. Тогаш тој беше прв, а јас втор. Покрај нас беа и Новица Николиќ Патало и Бранкица Крњевац, ќерката на легендарниот Миодраг Крњевац, кој во времето на моите натпреварувачки денови беше претседател на жири-комисијата.
Кога ќе размислам денес, тешко дека животот можеше посликовито да ми покаже колку голем круг сум изодел. За мене тоа беше огромна чест.
Но, приказната не завршуваше тука.
Требаше да го промовирам и моето ново ЦД пред српската публика, откако веќе имав промоција пред македонската публика во Битола. Тогаш си реков: Ако веќе животот повторно ме донел во Сокобања, овојпат ништо нема да препуштам на случајноста.
Повеќе од два месеца макотрпно вежбавме со групата „Фонтана“ од Битола, а потоа ни се придружија и музичарите Никола Митровиќ и Игор Христов. Несебична помош добив и од мојот помлад пријател и колега проф. Кирил Стојчевски и од неговите два музички „арслани“, Давид и Димитриј, како и од маестро Благоја Трајковски, Зоки Озо и од Тони на гитара.
Сите заедно решивме да ја искористиме шансата што ни беше дадена.И, како што си велевме меѓу себе, да „изгориме“ на сцената.Следуваа часови и часовипроби. Повторување. Усогласување. Повторно од почеток. Уште еднаш. Уште подобро. Не сакав само да отсвирам. Сакав да бидам достоен за таа сцена. А можеби, некаде длабоко во себе, сакав конечно да бидам достоен и за онаа стара реченица на татко ми.
И дојде вечерта на настапот. По целодневниот ангажман со преслушување и оценување на кандидатите, следуваше техничко-тонската проба, а само неколку минути пред почетокот набрзина се пресоблековме и излеговме на големата сцена на „Врело“ во Сокобања.
На сцената на која некогаш стоев како млад натпреварувач. На сцената на која некогаш со трепет ги чекав оценките на другите. На сцената на која свиреа луѓето што тогаш ги гледав како свои идоли. Сега повторно бев таму.
Само што овојпат не бев момчето кое сонува еден ден да победи. Бев човек кој, по многу децении, повторно се вратил на својот сон.
Почнавме да свириме.
И во еден миг исчезна сè. Годините. Политиката. Професорските титули. Колумните. Научните трудови. Сите оние нешта со кои подоцна животот ме определуваше. Останаа само хармониката, музиката и она момче кое некогаш свиреше сакајќи да го направи својот татко горд.
Звучевме како еден. Како швајцарсник часовник.
Публиката аплаудираше. Музичарите ни приоѓаа и ни честитаа. Следуваа прегратки, искрени зборови, честитки. А еден комплимент особено ќе го паметам. Мојот некогашен соперник од 1980 година, а сега колега во жирито, Миша Мијатовиќ, ми рече: „Брате Јове, одувао си. Ти си нам набио комплекс, да морамо сад и ми као тебе да вежбамо. Јаој, шта уради, брате“.
Се насмеав. Секако дека ми годеше. Но, во истиот миг, многу подлабоко од радоста што природно ја носи секоја искрена пофалба, повторно помислив на татко ми.
И овојпат како да не ми велеше ништо. Како само да се смешкаше.
Кога се вратив дома, повторно со брат ми отидовме на гробот на нашите родители. Повторно свеќа. Повторно тишина. Но, овојпат чувството беше поинакво.
Имав толку многу да им раскажам, а како да немаше потреба од многу зборови. Татко ми требаше само да знае дека се вратив. Онаму каде што некогаш, заедно со него, мајка ми и брат ми, со трепет ја чекав оценката на жирито. Онаму каде што некогаш бев три пати втор и три пати трет. Онаму каде што тој веруваше дека можам да бидам прв. По толку децении, животот повторно ме донесе на истото место. Но овојпат седев во жирито, а потоа повторно ја зедов хармониката и излегов на сцената.
И токму таму, пред гробот на моите родители, конечно почувствував мир. Дури тогаш сфатив дека можеби сите овие години погрешно сум ја разбирал желбата на татко ми. Тој никогаш не барал од мене само прво место. Не била суштината во пехарот. Не била суштината ни во Сокобања. Татко ми, едноставно, знаел колку можам. И барал од мене да не се задоволувам со помалку од она за што сум способен.
Да работам. Да бидам упорен. Да не се штедам. Да го почитувам талентот што ми е даден така што ќе го надградувам со уште повеќе вложен труд.
Ми требаа децении за да го разберам тоа. Затоа, тато, ако навистина некаде можеш да ме видиш и да ме слушнеш, денес сакам да ти кажам само овие неколку зборови: Беше во право.Бев тврдоглав. Не те слушав секогаш. Мислев дека имам време.
И, за жал, задоцнив. Задоцнив да ја видам твојата насмевка кога станав светски првак. Задоцнив да ти раскажам како повторно се вратив во Сокобања. Задоцнив да те прегрнам и да ти кажам дека конечно разбрав што си сакал да ми кажеш.
Но, се надевам дека не задоцнив сосема. Зашто, човек не исчезнува додека живее во нашите спомени, во нашите постапки и во разговорите што продолжуваме да ги водиме со него во себе.
А јас со тебе, тато, сè уште разговарам. Кога ќе ја земам хармониката. Кога ќе погрешам некој тон. Кога нешто ќе ми успее. Кога ќе се запрашам дали сум можел подобро. Кога ќе ми аплаудираат. И кога ќе останам сам по аплаузот.
Можеби родителите никогаш и не ги чекаат нашите медали, титули и признанија. Можеби само сакаат да знаат дека не сме го потрошиле она што го препознале во нас уште тогаш кога ние самите не сме биле свесни за тоа.
Затоа денес сакам да верувам дека татко ми не ги гледа пехарите, титулите или преполната сала. Сакам да верувам дека гледа дека неговиот син не се откажал. Дека по речиси три децении повторно ја зел хармониката в раце. И дека, конечно, го разбрал својот татко.
Додека ги пишувам овие редови со солзи во очите, сакам да верувам дека некаде далеку, во небесните височини, татко ми и мајка ми ме гледаат. И дека татко ми конечно е задоволен.
Затоа денес можам мирно да му кажам: Тато, задоцнив. Но, ја исполнив твојата желба. А додека можам да свирам, да создавам, да истражувам, да пишувам и да си поставувам нови предизвици, ќе се трудам да го дадам најдоброто од себе.
Сега знам дека токму тоа си го барал од мене. Зашто некои аплаузи се слушаат во салата и завршуваат за неколку минути. А еден аплауз човек го бара цел живот. Аплаузот на својот татко.